Дали знаете каде се наоѓа најголемото село на вода, познато уште како и Венеција на истокот?
Да, добро прочитавте. Се работи за селото Кампонг Ајер кое се наоѓа во северниот дел на Брунеј. Светските медиуми честопати го нарекуваат Венеција на исток, иако станува збор за малку поинаква верзија.
Сите објекти во населбата вклучувајќи ги куќите, училишната зграда, полициската станица, музејот, болницата и џамијата стојат на потпорни столбови. Селото зафаќа површина од 10 километри квадратни и има повеќе од 10.000 жители. Самото име Кампонг Ајер означува „село на вода“.
Овде основното транспортно средство е чамецот, па така ако сакате да отидете до соседот или до некое друго место во населбата, ќе користите традиционални дрвени чамци. Иако навидум се чини дека селото живее мирно во прегратките на природата, сепак, не е имун на технологијата и модерниот начин на живот затоа што секој од жителите има пристап до вода, струја и интернет.
Историските записи за античките водни населби сведочат за фактот дека луѓето живееле овде со векови. Во периодот кога Италијанецот Пигафета го посетил Брунеј за време на експедицијата на Магелан, тука живееле дури 25.000 луѓе во дрвени куќички на вода. Населбата исто така го преживеала јапонското бомбардирање во Втората светска војна.
Денес, селото се соочува со пад на населението затоа што сè поголем број млади се иселуваат во поголемите градови во потрага по подобар живот. Сепак, селото сè уште ја негува својата долга традиција, а тоа може да се види по украсените тераси и шарените ентериери, но и гостопримливите домаќини. Затоа не е чудо што за кратко време прерасна во туристичка атракција.
Откако прочитавте за најголемото село на вода, можеби ќе сакате да прочитате и за раскошниот „женски“ дворец на вода.
Извор: punkufer.dnevnik.hr