Дали жените зборуваат повеќе од мажите?
Автор: Софија Сионова
Познати се многу стереотипи дека жената премногу зборува, но според истражувањето на универзитетот Нортистерн жените зборуваат повеќе во некои сегменти, а пак во други не се пронајдени разлики меѓу половите.
Имено, се работи за причината за зборување. Жените не зборуваат повеќе од мажите, туку поголема е веројатноста тие први да прозборат. Според тоа, оваа студија покажува дека жените зборуваат повеќе од мажите во случаи кога се бара соработка, извршување задачи и кога е во прашање секојдневен разговор помеѓу две жени.
Во истражување водено од Јука Пека Онела, сегашен професор на факултетот за општо здравје на Харвард, истражувачите создале два одделни сегменти преку кои го анализирале однесувањето кога луѓето зборуваат. Во првиот сегмент, на дипломирани мажи и жени им биле доделени проекти кои требало сами да ги завршат, но биле дозволени дискусии во следните 12 часа. Во вториот сегмент, истражувачите ги набљудувале мажите и жените во телефонска централа за време на 12 секојдневни паузи за ручек.
Според резултатите од првиот сегмент, жените се значително позборлести од мажите, а од вториот сегмент, каде што не се извршувале никакви задачи односно немало одредена потреба за зборување, не произлегле ниту значајни разлики меѓу половите.
Во секој експеримент, учесниците носеле социометри, односно направи кои ја мереле брзината на зборување и блискоста помеѓу личностите. Партиципантите биле свесни за направата и нејзината намена, а тоа, според професорот Јука Пека Онела, има влијание на резултатите.
Жените е поверојатно да соработуваат, според истражувањето кое сугерира дека жените имаат поинтерактивен начин на учење, а мажите сакаат сами да ги вршат задачите. Но многу е значајно и самото зборување, колку и со кого. Анкетите покажуваат дека во работна средина, вработените ја ценат отвореноста и соработката од нивните лидери, што пак се квалитети кои е поверојатно да ги имаат жените.
Имајќи предвид дека полот може да влијае на начинот на комуникација во професионални околности, полесно можат да се склопат тимови за работа базирани врз начинот на зборување на луѓето.
Значи, заклучокот е дека најважни се условите во кои личноста зборува. А, соработката помеѓу групи кои се состојат и од мажи и од жени ги подобруваат шансите за успех поради индивидуалната работа на мажите и дискусијата помеѓу жените. Но, дали жените со зборување ги освојуваат работните места? Можеби, но само ако има некој кој ги слуша.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.