Зборувате во сон? Дознајте што значи тоа!
Техничкиот термин за зборувањето во сон е сомнилоквија и се дефинира како нарушување на спиењето преку несвесно зборување во сон. Може да станува збор за измислен јазик што нема никакво значење, мрморење или пак за комплицирани монолози кои имаат смисла. Зборувањето во сон може да се разбере во првите фази од спиењето, но потоа станува понејасно и вклучува неартикулирани звуци.
Она што е малку застрашувачко кај оваа појава е тоа што луѓето кои зборуваат во сон не се сеќаваат дека го направиле тоа кога ќе се разбудат. Освен тоа, гласовите и јазикот што го користат обично се поразлични од нивниот секојдневен говор. Сите можат да го доживеат ова, но најчесто е кај мажите и децата.
„Месечарењето и зборувањето во сон се случува кај 25% од децата и кај околу 1% од возрасните“, објаснуваат експертите.
Доколку вашиот партнер зборува во сон, можеби ќе се обидете да чуете дали ќе открие нешто компромитирачко за себе. Но, според експертите, не вреди да се анализира она што луѓето несвесно го зборуваат додека спијат. Не постојат докази дека ова говорење може да предвиди нешто или пак, дека е одраз на човечката потсвест. Зборувањето во сон понекогаш може да се поврзе со минатите искуства и врски на личноста, но сепак не станува збор за производ на свесниот и рационалниот ум.
Па, кое е вистинското значење на сомнилоквијата? Доколку зборувате во сон, тоа значи дека немате спиено доволно. Стресот, депресијата, заморот, алкохолот и треската исто така можат да предизвикаат сомнилоквија. Некои нарушувања на спиењето исто така можат да доведат до зборување во сон. Во многу ретки случаи, доколку зборувањето во сон започне во зрелата доба од животот, може да се смета за знак на некое психичко нарушување или панични ноќни напади.
За повеќето луѓе, зборувањето во сон е појава која трае кратко и не им е потребна никаква терапија. Но, доколку се случува секоја ноќ и го вознемирува вашиот партнер повеќе од една година, експертите препорачуваат да побарате медицинска помош за да дознаете дали постои некој здравствен проблем што го предизвикува тоа. Најчестиот совет што ќе го добиете е да го подобрите квалитетот и квантитетот на сонот. Обично, тоа е решението за овој проблем.
„Јас на моите пациенти им велам да спијат повеќе и да ги отстранат нештата што им го нарушуваат сонот како што се кофеинот, алкохолот и стресот. На овој начин, зборувањето во сон ќе престане само по себе“, советува специјалистот Мајкл Брус.
Доколку спиете до личност која зборува во сон, не се обидувајте да ги дознаете нејзините најдлабоки мрачни тајни, бидејќи нема да успеете во тоа. Едноставно ставете тампони за уши и не обрнувајте внимание на оваа појава која обично исчезнува по некое време.
Погледнете го и видеото од Адам Розенберг кој цела година се снимал себеси како зборува во сон. Некои од бесмислените работи што ги кажува ќе ве насмеат до солзи!