Дали се помали шансите мажите да користат презервативи кога сметаат дека партнерката е привлечна?
Презервативите се одлична заштита против несаканата бременост и полово преносливите болести, но не сите ги користат. Едно ново истражување открива дека мажите не би користеле презерватив доколку сметаат дека нивната партнерка е привлечна.
Група истражувачи од Универзитетот во Саутхемптон и од Универзитетот во Бристол спровеле истражување на 51 хетеросексуален маж на возраст помеѓу 18 и 69 години. Истражувачите им покажале фотографии од 20 различни жени и побарале од нив да ја оценат нивната привлечност на скала од 0 до 100. Тие исто така требало да кажат и која е веројатноста да спијат со секоја од жените кога би биле сингл, колкави се шансите да користат кондом за време на хипотетичкиот секс, колку други мажи (од 100) сметаат дека исто така би имале секс без заштита со секоја од жените и кои се шансите секоја од жените да има полово пренослива болест.
Иако истражувањето било мало и се засновало на прашалник, резултатите биле изненадувачки. Тие покажале дека мажите се подготвени да имаат секс без заштита со привлечни жени, иако сметаат дека тие можеби имаат сексуално пренослива болест. Од друга страна, пак, голем процент од мажите изјавиле дека поголема е веројатноста да користат кондом со помалку привлечна жена.
Која е причината за ваквото лудо размислување? Постојат две можни објаснувања. Едното од нив е поврзано со репродуктивноста. Мажите сакаат да се размножуваат со жени кои сметаат дека се многу привлечни. Уште поинтересно е тоа што младите мажи сметаат дека ако спијат со привлечна жена, ќе го подигнат нивниот статус во општеството на повисоко ниво, па затоа и се подготвени да ризикуваат во однос на полово преносливите болести.
Ова истражување не треба да се земе здраво за готово, со оглед на фактот дека тие испитале само 51 маж. Исто така, авторите на истражувањето потенцираат дека тоа било спроведено во присуство на истражувач од женски пол, што покажало дека може да влијае на одговорите на мажите.
Сепак целта на истражувањето е да се подигне свеста за потребата од воведување секс едукација во училиштата. Тоа е одлична идеја бидејќи се чини дека тоа е навистина потребно за да се намали тинејџерската бременост и ширењето на полово преносливите болести.