Дали психологијата може да го објасни хуморот?

Дали психологијата може да го објасни хуморот?

Хуморот е важен дел од човечкото искуство. Доколку ги набљудувате луѓето во социјалните групи, ќе забележите дека тие поминуваат голем дел од времето смеејќи се. Многу популарни форми на забава се фокусираат на создавањето хумористични ситуации. Објавените линкови, фотографии и видеа на социјалните мрежи се често смешни. Но, и покрај важноста на хуморот во животот на луѓето, се покажало тешко да се разберат условите кои ја прават една работа смешна. Всушност, ако ги прашате луѓето што е хуморот, ќе кажат дека е нешто што е поврзано со неочекуваните настани.

Дали психологијата може да го објасни хуморот?

Прашањето „Што е смешно?“ ги заинтересирало психолозите Кејлеб Ворен и Питер МекГроу (автори на книгата „Кодот на хуморот“) кои подготвиле една интересна студија за мартовското издание на списанието „Journal of Personality and Social Psychology“. Тие започнале со објаснувањето дека постојат многу начини на кои работите можат да бидат неочекувани или изненадувачки. Некои просто се, некои се должат на спротивставувањето на две работи кои не припаѓаат заедно и некои се прекршувања на нормата или стандардите за тоа како треба да изгледа светот.

Проблемот со фокусирањето на овие прекршувања на очекувањата е тоа што многу настани се неочекувани или изненадувачки, но не се смешни. Да добиете лото е изненадувачко, но не е смешно. Да ве удри некој со снежна топка додека одите на улица е неочекувано, но не и смешно. Истражувачите велат дека она што ги двои смешните работи од изненадувачките е тоа што луѓето наоѓаат хумор само во оние т.н. бенигни прекршувања кои можеби ќе направат луѓето да се почувствуваат непријатно, но се безбедни.

Во едно истражување, на испитаниците им било покажано видео од скокач на шипка кој не успеал да скокне бидејќи шипката се скршила и едно во кое успева да ја прескокне оградата. Природно, луѓето сметале дека видеото во кое шипката се скршила е посмешно од она во кое скокачот успева да прескокне преку оградата. Дури им било смешно кога однапред им било кажано што ќе се случи, па изненадувањето не било предвесник на хуморот. Втората група, на која ѝ било кажано дека скокачот се повредил кога шипката се скршила, воопшто не мислеле дека видеото е смешно. Значи, хуморот вклучувал прекршување кое било целосно безбедно.

Во вториот експеримент, испитаниците дошле во една лабораторија каде еден човек кој се преправал како учесник во истражувањето или им дал бонбона на испитаниците или им ја фрлил. Тој на некои им кажал што ќе направи пред да им даде или да им фрли бонбона, а на некои откако го сторил тоа. Оние испитаници кои биле предупредени дека ќе им биде фрлена бонбона се смееле повеќе од другите. Настанот бил смешен затоа што дејството не било опасно, додека неочекуваното фрлање на бонбоната, иако е неочекувано и изненадувачко, се гледало како агресивно и поопасно сѐ додека испитаникот не разбрал што се случува.

Двете студии предложуваат дека идејата за бенигните прекршувања е добро објаснување за многуте форми на хуморот. Постои елемент на неочекуваност, но се случува на начин кој ги прекршува верувањата на луѓето за тоа како светот треба биде безбеден. Овој тек на истражување е интересен бидејќи дава објаснување зошто хуморот наоѓа голема примена во разликувањето на ситуациите кои се смешни и оние кои делат слични карактеристики со ситуациите, но не се сметаат за смешни.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Новинар. Самопрогласен актер. Џедај. Животна форма еволуирана да живее од филмови, видеоигри, музика, хумор и технологија. Хоби и рекреација: Појадок, ручек, вечера.

Поврзани содржини

Остави коментар