Дали можете да „слушате“ гифови? Не сте единствени
На „Редит“ постои група од над 114.000 корисници кои тврдат дека можат да чујат звук додека гледаат некои гифови. Иако може да се чини како редок феномен, всушност едно од пет лица дефинитивно има впечаток дека слуша звук кога гледа во визуелна претстава на некакво движење. Науката се обидува да даде објаснување на оваа појава. Во новата студија на списанието „Кортекс“ се вели дека 20-30% од луѓето имаат аудио-сензација кога гледаат во гиф што прикажува некакво движење.
На пример овој:
Или овој:
Психологот Крис Фасниџ, кој е главен автор на студијата, овој феномен го нарекува „визуелно предизвикан аудио одговор“. Тој и останатите автори на трудот сметаат дека се работи за нова форма на состојбата синестезија.
Да се потсетиме: Синестезија е состојба при која нештата кои ги гледаме, на пример букви во азбуката или броеви, ги поврзуваме со некоја боја, а постојат и случаи кога дури и звукот го доживуваме во боја. Постојат и подвидови на синестезијата за кои се верува дека покрај бои, одредени звуци може да предизвикаат и физичка реакција во телото. Ова се случува поради интеракции на импулсите во мозокот, бидејќи невроните се меѓусебно цврсто поврзани. Во основа, синестезијата е ретка појава, ја имаат околу 3% луѓе во светот.
Но кога се работи за слушањето звук од гиф, тогаш тој феномен е многу почест отколку основната форма на синестезијата. Аудио-визуелното искуство може да биде различно од човек до човек – некои го опишуваат како врева во сетилото за слух, а други како „бел шум“. Оваа појава е слабо проучувана во психологијата, иако постои голем процент на луѓе кои ги имаат ваквите звучни сензации.
Едното објаснување е дека за некои појави сме навикнати да бидат проследени со звук. На пример, кога топка отскокнува на игралиште, очекуваме да ги чуеме и ударите или пак, ако гледаме како се крши стакло, сосема нормално е нашиот мозок да го очекува и звучниот елемент.
Според студијата, луѓето кои ја имаат оваа појава ретко се свесни дека звук воопшто не постои, бидејќи она што го гледаат, на ниво на мозокот, остава впечаток дека произвело звук. Исто така, поверојатно е да го почувствуваме визуелно предизвиканиот аудио одговор кога точно знаеме каков звук очекуваме. Истото се случува и со гифовите на кои е прикажана интензивна и енергична анимација. Ваквата состојба е почеста кај луѓето кои дале податок дека често им се случува стих или рефрен од песна да им биде заглавен во мозокот со часови, а некогаш и со денови.
Што вели науката за ова?
Постојат повеќе теории зошто некои луѓе слушаат звук при визуелна анимација. Кај некои е вистинска синестезија и не можат ништо против тоа, додека кај други се создава имагинарен звук поради очекувањето тој да постои. Една од можните објаснувања е и тоа што точно можеме да ги поврземе анимациите и гифовите со очекуваниот звук, но притоа сме свесни дека тој воопшто не постои. Во секој од овие случаи, мозокот автоматски ја пополнува празнината, односно звукот кој недостасува.
Дали оваа појава е навистина синестезија?
Постојат многу карактеристики кои ја сместуваат во таа група, но и значајни разлики поради кои може да се разгледува како одделен феномен. Сепак, за да се дојде до конечни заклучоци, потребни се и повеќе истражувања на ниво на работата на мозокот, бидејќи не се работи за биолошка визија, туку за нешто што се формира во визуелниот кортекс.
Сосема е веројатно дека најголем дел од ваквите дразби воопшто не сме ги забележувале, сè додека не се појавија токму овие гифови кои оставаат впечаток дека се проследени со звук, иако не се. Секако, постојат и многу други феномени за кои уште не сме свесни, а за кои науката треба да почне да дава одговори.
Погледнете ги и овие 22 фотографии од природни феномени.