Дали маратонското гледање ТВ серии ви го нарушува сонот?
Нема ништо поубаво од тоа да се стуткате во кревет и да ја гледате вашата омилена ТВ серија пред да заспиете. Но, потоа вашата глава ќе биде преплавена со мисли за судбината на ликовите и настаните што ќе се случат во наредна епизода. Какво влијание има маратонското гледање серии на вашиот сон?
Според едно најново истражување, маратонското гледање ТВ серии пред спиење има огромно влијание на квалитетот на сонот и може да предизвика несоница или пак да ја влоши, што доведува до исцрпеност наредниот ден.
Во истражувањето учествувале 423 возрасни луѓе на возраст помеѓу 18 и 25 години кои пополниле онлајн прашалник поврзан со нормалното гледање телевизија, маратонското гледање ТВ серии, квалитетот на сонот, исцрпноста, несоницата и вознемиреноста што се јавува пред спиење. По направените анализи, резултатите покажале дека 80,6% од испитаниците се изјасниле како маратонски гледачи. 20% од нив практикувале маратонско гледање најмалку неколку пати неделно во текот на изминатиот месец. 32,6% од испитаниците имале проблеми со спиењето токму поради маратонското гледање серии, што предизвикува зголемена исцрпеност и симптоми на несоница, додека, пак, нормалното гледање телевизија не ги предизвикува истите проблеми.
Но, сето ова не се должи само на фактот што останувате будни до доцна во ноќта. Бројот на епизоди што ќе ги изгледате и нивната содржина исто така влијаат на квалитетот на сонот. На пример, доколку сте емоционално поврзани со некоја серија, како што е „Игра на тронови“, ќе бидете многу побудни кога ќе заврши епизодата, за разлика од тоа кога ќе гледате нешто поопуштено што не бара поголем психички ангажман.
Заклучокот од сето ова е дека не смеете да си го загрозите и скратите времето за спиење кое од големо значење за вашето нормално функционирање наредниот ден. Ако веќе мора да гледате повеќе епизоди одеднаш, нека бидат тоа 3, а не 10. Така ќе можете подолго време да уживате во вашата омилена ТВ серија, се согласувате?
Сега кога знаете како разумно да гледате серии, ние ви ги препорачуваме следниве 11 ТВ серии што секоја жена треба да ги изгледа.