Дали кофеинот може да ги намали телесните масти и ризикот од дијабетес тип 2?

Дали кофеинот може да ги намали телесните масти и ризикот од дијабетес тип 2?

Според најновите истражувања, кафето, зелениот и црниот чај можат да помогнат во намалување на ризикот од дијабетес тип 2. Поточно, кофеинот во тие пијалаци и ефектот што може да го има врз телесните масти и тежината, може да биде причина за намалениот ризик.

Дали кофеинот може да ги намали телесните масти и ризикот од дијабетес тип 2?

Освен што го поттикнува метаболизмот, кофеинот има и голем број други потенцијални здравствени придобивки, како што се зголемување на будноста и концентрацијата, подобрување на перформансите за време на вежбањето и подобрување на расположението.

Сепак, експертите предупредуваат дека консумирањето премногу кофеин може да има и негативни ефекти, како што се анксиозност, несоница и нервоза.

Кафето, зелениот и црниот чај се богати со антиоксиданси, природни соединенија кои се карактеризираат со голем број здравствени придобивки.

Кофеинот е поврзан со помал ризик од дијабетес тип 2

Досегашните студии покажале дека умереното консумирање кафе (три до пет шолји дневно) е поврзано со помал ризик од дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни болести.

Друга студија покажала дека внесот на кофеин резултира со намалување на телесните масти. Авторите на оваа студија користеле генетски метод наречен Менделова рандомизација за да го испитаат влијанието на нивото на кофеин во крвта врз телесните масти и врз ризикот од дијабетес тип 2 и ризикот од кардиоваскуларни болести вклучувајќи коронарна артериска болест, мозочен удар, срцева слабост и неправилен срцев ритам.

Притоа, истражувачите се фокусирале на две вообичаени генетски варијанти за два гена поврзани со тоа колку брзо телото го метаболизира внесениот кофеин.

Луѓето кои ги носат генетските варијанти поврзани со побавен метаболизам на кофеинот, во просек пијат помалку кафе. Сепак, тие имаат повисоки нивоа на кофеин во крвта во споредба со луѓето кои побрзо го метаболизираат кофеинот.

За оваа студија, истражувачите испитувале генетски и други податоци од речиси 10.000 луѓе со претежно европско потекло, кои учествувале во шест долгорочни студии. Тие откриле дека луѓето кои се генетски предиспонирани да имаат повисоко ниво на кофеин во крвта имаат поголема веројатност да имаат понизок индекс на телесна маса (ИТМ) и телесни масти.

Покрај тоа, тие имале помал ризик од дијабетес тип 2. Истражувачите процениле дека околу половина од намалениот ризик од дијабетес се должи на пониското ниво на ИТМ.

Премногу рано за да се утврди со сигурност дека кофеинот го намалува ризикот од дијабетес тип 2

Резултатите од новата студија ја покажале врската помеѓу внесот на кофеин и помалиот ризик од дијабетес тип 2. Сепак, истражувачите не ја разгледале конкретно врската помеѓу метаболизмот на кофеинот и нивото на гликоза во крвта. Но, на научниците им е познат фактот дека кофеинот има својства на зголемување на ситоста, што значи дека ја потиснува желбата за јадење, а тоа доведува до понизок ИТМ. Сепак, научниците не им препорачуваат на пациентите консумирање кофеин како метод за намалување на ризикот од дијабетес. Наместо тоа, тие им препорачуваат да се фокусираат на редовна физичка активност и здрава исхрана.

Умереното консумирање е клучно

Според научниците, консумирањето премногу кофеин може да има негативни ефекти, како што се анксиозност, несоница и нервоза. Повеќето здрави возрасни луѓе можат да консумираат до 400 милиграми кофеин дневно, односно четири или пет шолји сварено кафе. Зелениот и црниот чај, пак, содржат помали количини на кофеин по чаша.

Откако прочитавте за ова најново истражување, можеби ќе сакате да прочитате и зошто утринското кафе не ја зголемува продуктивноста.

Извор: healthline.com


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Вљубеничка во книжевноста, музеите и патувањата. Исто како и Борхес, рајот си го замислува како огромна библиотека.

Поврзани содржини

Остави коментар