Дали јадењето навечер ве прави дебели?
На многу места можете да прочитате или слушнете дека јадењето навечер ве прави дебели, но на многу места можете да прочитате и дека тоа нема никакво влијание на вашата телесна тежина. Па, кој е во право?
Дебелеењето настанува само кога има промена на консумираните и изгорените калории. Калоријата е калорија, но има услови при кои калориите можат да влијаат на вашата склоност кон дебелеење или слабеење. На пример, познато е дека разни видови храна даваат различно чувство на ситост. Ова има влијание на изборот на храна подоцна во текот на денот и влијае на целокупниот број на внесени калории.
Штом се чувствувате сито, шансите да посегнете по ужина се значително помали. Појадокот богат со протеини докажано ја намалува желбата за храна и потребата за грицкање во текот на денот. Овој вид оброци го поттикнуваат производството на допамин, невротрансмитер кој го стимулира чувството за награда. Одговорот за награда е важен дел од јадењето бидејќи помага во регулирањето на количеството консумирана храна.
Исто така, периодот во којшто јадете може да има влијание на вашата желба да бидете физички активни. Ако сте имале обилна вечера, помала е веројатноста да се мотивирате да вежбате, па веднаш се намалуваат шансите за согорување калории.
Јадењето доцна навечер е поврзано со дебелеењето, додека истражувањата покажале дека јадењето појадок е поврзано со намален ризик од дебелина. Ова ја поддржува теоријата дека е подобро да го изедете главниот оброк порано отколку подоцна. Но, ова не важи за сите видови појадок. Во едно истражување, луѓето кои јаделе месо или јајца за појадок имале значително поголеми шанси за поголем индекс на телесна маса, за разлика од оние кои појадувале житарици или леб. Значи, не сите појадоци имаат исто влијание.
Разните култури имаат различен пристап кон начинот на јадење. На пример, во Шпанија е чест обилниот оброк напладне, а навечер се консумираат мали чинии храна. Истражувањата од Универзитетот Мурсија во Шпанија покажале дека жените со прекумерна тежина кои консумирале повеќе храна за време на ручек изгубиле повеќе килограми за разлика од оние кои консумирале повеќе храна навечер. Менувањето на распоредот на оброците може да има влијание на дебелината и да помогне во слабеењето.
Ако вообичаено не појадувате, само додавањето на појадокот не значи дека ќе предизвика спонтано слабеење. Едно истражување на дебели возрасни покажало дека некои луѓе дури и се здебелиле откако го направиле ова. Потребни се повеќе истражувања за да се разбере дали појадокот од одреден вид може да помогне во контролирањето на тежината.
Засега, идејата дека појадувањето е поврзано со помал ризик од дебелеење, а јадењето навечер го зголемува ризикот не е конечна бидејќи резултатите се од истражувања со набљудување и не покажуваат причина и последица.
Па, како да им пристапите на овие резултати? Вистината е дека еден начин на исхрана не е погоден за сите луѓе. Некои луѓе полесно ја контролираат својата тежина со обилен појадок, а други со обилна вечера. Треба да го слушате вашето тело. Ако знаете кога се чувствувате енергично, ќе можете да го испланирате вашиот распоред за јадење, работење и спиење.
Кога подобро ќе ја разбереме интеракцијата на периодот од денот со метаболизмот, ќе можеме да добиеме подобри совети за исхрана кои не се поврзани само со хранливите вредности, туку и со времето на јадење.
Погледнете и кои намирници треба да ги избегнувате навечер за здрав сон.