Дали е родена личноста која може да живее до 150 години?

Дали е родена личноста која може да живее до 150 години?

Долго време се веруваше дека стареењето настанува поради акумулација на ДНК мутации, кои постепено го попречуваат нормалното функционирање на клетките, ткивата и органите. Во јануари, истражувачите од Харвард објавија дека го запреле стареењето кај лабораториските глувци со менување на епигеномот, збир на молекули што ја вклучува и исклучува ДНК на начини специфични за различни ткива.

Дали е родена личноста која може да живее до 150 години?

Бидејќи епигеномот полесно се менува од самата ДНК, ова откритие ја зголемува можноста дека телото во иднина некако ќе може да се „ресетира“ за да се бори против болести како што се Алцхајмерова болест, дијабетес, кардиоваскуларни болести и рак.

Веб-сајтот The Harvard Gazette објави разговор со професорот по генетика Дејвид Синклер и неговиот колега Џе-Хјун Јанг за заедничката работа и нејзините импликации врз човековото здравје и животниот век.

Синклер смета дека личноста која ќе доживее 150 години веќе е родена, а со следните зборови објасни како дошол до овој заклучок:

„Во текот на последните 20 години, откриени се неколку молекули за кои се смета дека го намалуваат процесот на стареење, барем кај животните. Токму поради тоа сметам дека веќе е роден некој што може да доживее 150 години. Во овој труд покажуваме дека е можно да се ресетира староста на телото за дури 50 проценти“.

Тој исто така забележа дека веќе во една постара статија објавена во научното списание Nature 2020 открил дека овие молекули можеле да им го вратат видот на старите глувци, кои делумно или целосно го изгубиле, а сега вели дека со истата технологија „можно е да се забави стареењето и на други ткива“.

На прашањето дали „епигеномот во основа се молекулите кои ѝ кажуваат на ДНК што да прави?“, Синклер даде потврден одговор. Тој исто така додаде дека веќе постојат лекови кои го запираат стареењето кај глувците и мајмуните и ги лекуваат од слепило и дека верува дека наскоро ќе биде можно да се применат и на луѓето.

„Причината за стареење на секое ткиво е универзална кај сите, од квасецот до луѓето, а болестите како срцеви заболувања, дијабетес и Алцхајмеровата болест се симптомите на стареење. Ако можеме да го забавиме или смениме процесот на стареење, тоа би бил радикално нов начин за лекување на овие болести. Истиот третман за срцеви заболувања може да ги излечи и Алцхајмеровата болест и дијабетесот и да направи да изгледате помлади“, ја изрази Синклер својата оптимистичка визија на крајот од интервјуто.

Откако прочитавте за ова истражување, можеби ќе сакате да прочитате и зошто жителите на Крит и Сардинија имаат најдолг животен век.

Извор: citymagazine.danas.rs

 


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Вљубеничка во книжевноста, музеите и патувањата. Исто како и Борхес, рајот си го замислува како огромна библиотека.

Поврзани содржини

Остави коментар