Црвенокосите го доживуваат светот на поразличен начин од останатите
Црвената коса не е единственото нешто што ги прави овие луѓе посебни. Тие се издвојуваат од останатите благодарение на една мала генетска разлика. Имено, генетските разлики кај луѓето со огнени локни не влијаат само на бојата на нивната коса и кожа.
Најочигледната разлика помеѓу црвенокосите луѓе и останатите лежи во пигментацијата, односно во меланинот кој ја одредува бојата на кожата и косата и се создава благодарение на меланоцитите. Постојат два вида меланин: Еумеланин кој ги опфаќа боите од кафеава до црна и феомеланин кој ги опфаќа боите од жолта до црвена. Функцијата на еумеланинот е да ги спречи ултравиолетовите зраци да навлезат подлабоко во кожата, со тоа што предизвикува потемнување на кожата и на тој начин ги штити луѓето од изгореници и појава на рак.
Кај црвенокосите луѓе позастапен е феомеланинот и затоа кај нив постои зголемен ризик од изгореници и рак на кожата. Научниците сметаат дека тоа е така поради генот MC1R кој мутирал и се создала негова варијација. Овој ген е рецесивен што значи дека барем еден од родителите мора да е носител за да се пренесе.
Ако ниту еден од родителите нема црвена коса, но и двајцата се носители на овој ген, тогаш постојат 25% шанси дека детето ќе биде црвенокосо. Ако едниот родител има црвена коса, а другиот е носител на генот, тогаш шансите дека детето ќе биде црвенокосо се 50%. Доколку и двајцата родители имаат црвена коса, шансите изнесуваат речиси 100%.
Овие генетски разлики придонесуваат и за фактот што црвенокосите луѓе се почувствителни на болка и ниски температури. Некои мали истражувања докажале дека луѓето со црвена коса треба да добијат посилна анестезија за време на операциите, токму поради оваа чувствителност.
Научниците не се сигурни зошто точно се случува ова, но сметаат дека варијацијата на генот MC1R е повторно заслужна за оваа појава. Имено, експертите претпоставуваат дека овој ген се појавува во оној дел од мозокот кој е заслужен за дразбите, а последица од тоа е зголемената чувствителност.
Не постои сомнеж дека црвенокосите луѓе се навистина посебни и однадвор и однатре! Во продолжение погледнете го видеото за да добиете повеќе информации на оваа тема…
Прочитајте ги овие неверојатни факти за црвенокосите.