Цитати од писателката Зејди Смит што ќе ви го променат мислењето за работата
Зејди Смит неодамна објави колекција на есеи со наслов „Чувствувај се слободно“ (Feel Free) со цел да создаде нов начин на размислување. Смит признава дека пишувањето се состои од наоѓање рамнотежа помеѓу 3 суштински работи: јазикот, светот и себеси. „Првото никогаш не е целосно мое, второто можам да го познавам само во делумна смисла, а третото е променлива и импровизирана реакција на претходните две“, објаснила Зејди. Прочитајте ги нејзините извонредни цитати за пишувањето и работата…
За смислата
„Секогаш сум свесна дека малку се разликувам од другите. Притоа мислам на реченицата на Сартр дека постоењето ѝ претходи на суштината. Тоа е најважниот дел за мене. Тоа што не постојат суштински квалитети, барем што се однесува до мене. Вие постоите. Вие сте фрлени во овој свет и мора да ги средите работите. Мора сами да ја најдете смислата на вашето постоење.“
За пишувањето
„Пишувањето во секој момент е скок во непознатото. Во секој момент постои можност да ја изгубите сета способност за пишување. Се рестартирате на секој нов лист хартија. Тоа е навистина неверојатно за мене.“
За ограничувањата
„Понекогаш ограничувањата можат да бидат креативни. Наместо да се фрустрирате поради нив, а јас немам намера да го правам тоа, одлучете да го извлечете најдоброто од целата ситуација, односно од фактот што не можете да се движите.“
За фикцијата
„Многу е тешко да се добие задоволство од пишувањето романи, и за читателот и за писателот. Мислам дека романот е нешто многу срамно! Зар не мислите така во најголемиот број случаи? Нема никаква корист од неговото постоење. Тој е или претерано личен или претерано пристрасен. Не може да даде аргумент за себе во светот. Истовремено, во моментов ги читам приказните на Денис Џонсон и мислам дека постои таква возвишеност во тој вид фикција што ниту еден есеј не може ниту да ѝ се доближи. Тоа ми прави нешто што ниту еден есеј никогаш нема да може да го постигне. Но, тоа е Џонсон.“
За есеите
„Секогаш мислам на идејата на Аристотел за комбинацијата од етос, патос и логос… Емоцијата не претставува мал дел од сето тоа, таа е неверојатно значајна исто како и етичкиот дел. Но, и разумниот дел исто така. Најчесто, во мојот секојдневен живот, не сум целосно вклучена во рационалната мисла. Јас сум збркана како и сите останати, избувлива и плачлива. Но, кога пишувам, имам можност да ги комбинирам сите три. Честопати, тоа претставува голем предизвик, бидејќи кога ќе ги ставите сите три пред себе, нема да добиете многу убава приказна според вас. Кога зборувате емотивно, секогаш можете да си ја кренете самодовербата, да си го одбраните случајот и да си го подобрите расположението. Но, што се случува кога ќе ги ставите и другите две во комбинација? Етиката, како свесност за туѓите гледишта и притисоците што ги наметнуваат нивните гледишта, и логиката како разумниот дел кој може да ви каже дека без разлика колку се силни вашите емоции, сепак може да не се вистинити. Кога ги комбинирам тие нешта со патосот, тогаш чувствувам дека се наоѓам пред голем предизвик.“
Доколку сте љубители на литературата, сигурно ќе ви се допаднат и следниве цитати за животот и љубовта од незаменливата Шарлот Бронте.