Чернобил наспроти Фукушима: Која катастрофа беше поголема?
Во 1986-та година, во нуклеарната централа Чернобил во близина на Припјат дошло до експлозија. 25 години подоцна, во Јапонија се случи друга нуклеарна катастрофа во нуклеарната централа Фукушима.
И двете несреќи резултираа со радијација, а нивното влијание беше широко и долготрајно. Но кои околности се слични кај Фукушима и кај Чернобил и кој настан предизвикал повеќе штета?
Во Чернобил експлодирал само еден реактор, додека во Фукушима имало топење на три јадра. Сепак, и покрај ова, несреќата во Чернобил е далеку поопасна бидејќи штетата од јадрото на реакторот се проширила многу брзо и насилно.
Како резултат на ова, биле ослободени повеќе продукти на фисија од едното јадро во Чернобил. Јадрата кај Фукушима прегреале и се растопиле, но немало голема експлозија, па било ослободено помало количество плутониум.
И кај двете несреќи, првата опасност била радиоактивниот јод-131. Но бидејќи неговиот период на полураспад е 8 дена (половина од радиоактивниот материјал се распаднал во тој период), ефектите брзо исчезнале. И во двете несреќи, долготрајната штета воглавно била предизвикана од стронциум-90 и цезиум-137, радиоактивни изотопи со период на полураспад од 30 години. Наводно, од Чернобил се ослободило поголемо количество цезиум-137 за разлика од Фукушима.
Болести, рак и смрт
Во Чернобил, во почетната експлозија биле убиени двајца работници од електраната, а во текот на наредните 3 месеци умреле уште 29 работници поради труење од радијација. Повеќето од починатите свесно се изложиле на смртоносната радијација, со цел да ја осигурат електраната и да го спречат дополнителното протекување. Властите преместиле околу 200.000 луѓе од регионот.
Во наредните неколку години, ракот кај децата значително се зачестил во Украина – за речиси повеќе од 90%. Според извештај од Обединетите Нации од 2005-та година, приближно 4.000 луѓе би можеле да умрат од изложеност на радијација од Чернобил. Според Greenpeace International, бројот на смртни случаи во Украина, Русија и Белорусија би можел да достигне и 93.000, а 270.000 луѓе од истите држави би можеле да развијат рак само поради катастрофата.
Во Фукушима немало смртни случаи или случаи со радијациона болест директно поврзани со несреќата – ниту кај вработени, ниту кај обични граѓани.
Сепак, агресивниот одговор на Јапонија за катастрофата – пренесување на 100.000 луѓе од нивните домови во близина на Фукушима, се мисли дека индиректно има предизвикано околу 1.000 смртни случаи. Повеќето од нив биле луѓе над 66 години.
Забранети зони
Јапонските власти направија забранета зона околу Фукушима во радиус од 20 километри. Оштетените реактори биле трајно затворени додека траеле обидите за чистење.
Интензитетот на околното влијание на несреќата од Фукушима уште е непознат. Сепак, постојат некои докази дека се појавуваат генетски мутации кај пеперутките од областа, предизвикувајќи деформитети во нивните крилја, нозе и очи.
Радијацијата од загадената вода која произлезе од Фукушима го стигна западниот брег на Северна Америка во 2014-та година. Сепак, експертите тврдат дека загадувањето било премногу мало за да предизвика каква било закана за човечкото здравје. Во 2018-та година, истражувачите изјавиле дека вината произведени во Калифорнија после катастрофата во Фукушима имале зголемено ниво на радиоактивен цезиум-137. Одделот за јавно здравство во Калифорнија има изјавено дека вината не се опасни за консумирање.
Забранетата зона во Чернобил опфаќа површина со радиус од 30 километри околу урнатините од електраната. Градовите во оваа област се напуштени и денес. Дрвјата во ближните шуми поцрвенеле и умреле брзо после експлозијата. Но, неколку децении подоцна, изгледа дека напредуваат заедниците на диви животни поради недостатокот од луѓе.
Во 2010-та година, украинските власти утврдија дека опасноста од изложеност на радијација во областа околу Чернобил е занемарлива. Поради ова, забранетата зона беше отворена за туристи. Сепак, живеењето во оваа област е забрането. Луѓето кои посетуваат одредени локации мора да имаат опрема за следење на радијацијата, така што се намалува ризикот за време на посетата.
Покрај тоа, нивото на радијација во Чернобил може многу да се разликува. Истражувањата од мај направени со дронови открија дека радијацијата во Црвената шума во Украина била концентрирана во претходно непознати „жешки точки“. Научниците ги обележиле правејќи ја најточната мапа за радијацијата во регионот.
Електраната Фукушима е отворена и активна денес, но реакторите што експлодираа се затворени. Сепак, грижата за безбедноста сè уште постои.
И двете катастрофи ни беа важни лекции за потенцијалните ризици од користењето на нуклеарна енергија. Никој не треба да ги потценува предизвиците кои доаѓаат со обезбедувањето на нуклеарните централи. Клучното за инженерите е секогаш да бидат подготвени за неочекуваното.
Прочитајте ги и овие чудни нешта што веројатно не сте ги знаеле за Чернобил.