Братот или сестрата од спротивниот пол имаат големо влијание врз понатамошните љубовни врски

Братот или сестрата од спротивниот пол имаат големо влијание врз понатамошните љубовни врски

Борбата за кој ќе седи на предното седиште во автомобилот или кој ќе ја добие најголемата чаша сок сигурно се едни од најчестите сеќавања коишто ги делите со вашиот брат или сестра. Но, она од што повеќето од вас би можело да бидат изненадени е откритието дека овие навидум бесмислени расправии, на некој начин може да ве подготват за идните романтични врски. Всушност, видот врска којашто сте ја имале со браќата или сестрите од спротивниот пол, може да има влијание врз квалитетот и долговечноста на вашите љубовни врски во понатамошниот живот.

Тинејџерска романса: Резултат од блиска врска со браќата/сестрите

Можеби ќе треба да им се заблагодарите на вашите браќа или сестри за романтичната врска којашто сте ја имале во тинејџерските денови. Според едно истражување спроведено од страна на Сузан Е. Даути и колегите на Државниот универзитет во Пенсилванија, поврзаноста помеѓу браќата и сестрите може многу да влијае врз понатамошните љубовни односи.

Во истражувањето биле вклучени личности коишто биле испрашувани за нивниот однос со браќата/сестрите, а по две години било проследено како тие односи се манифестирале врз нивните љубовни врски.

Редоследот на раѓање може да влијае на вашата понатамошна љубовна врска

Според едно истражување објавено во Списанието за личноста и социјалната психологија, доколку имате постар брат или сестра од спротивниот пол, голема е веројатноста дека ќе бидете повеќе поврзани со луѓето со спротивен пол од вашиот.

Во истражувањето биле вклучени 40 личности од двата пола. Учесниците биле студенти коишто имале брат или сестра од спротивен пол. Во истражувањето бил разгледуван и редоследот на раѓање, па се покажало дека мажот којшто е роден прв се поврзува со жената којашто е родена прва и така натаму. Секој пар бил сниман за време на нивниот прв состанок, а потоа биле испрашувани.

Резултатите покажале дека последно родените мажи зборувале речиси двојно повеќе и поставувале повеќе прашања отколку првородените. Исто така тие предизвикале повеќе погледи и разговори, додека пак последно родените жени имале повеќе веројатност да започнат разговор и повеќе предизвикувале насмевка кај мажите за разлика од првородените жени.

Всушност, вашиот редослед на раѓање може да влијае на вашата понатамошна врска со спротивниот пол повеќе отколку што можете да замислите. Ако сте најмлади во семејството, може да ви биде полесно да го привлечете спротивниот пол.

Фаворизирањето на братот или сестрата и вашата врска

Во истражувањето спроведено и објавено од страна на Ејми Џ. Рауер и Бренда Л. Волинг од департманот за психологија при Универзитетот во Мичиген, било прикажано дека браќата и сестрите коишто се изјасниле дека добивале еднаков третман кон себе како своите браќа, имале повисоко ниво на самопочит и помало разочарување во љубовните врски, додека пак оние коишто искусиле различно внимание од родителите, биле повеќе негативни и имале понесреќна романтична врска.

Ова истражување опфаќало 200 млади луѓе. Резултатите покажале дека семејните односи и третманот врз браќата и сестрите од страна на родителите може да имаат големо влијание врз понатамошното однесување.

Имањето повеќе браќа или сестри носи помали шанси за развод

Нови истражувања пак покажуваат дека колку повеќе браќа и сестри имате, толку е помала веројатноста понатаму да се соочите со развод. Дона Бобит Зехер, коавтор на истражувањето и асистент професор по социологија на кампусот Марион во Охајо вели:

„Не е значајна само разликата дали сте сами или имате браќа или сестри. Очекувано е ако имате браќа или сестри, дека тоа ќе ви донесе искуство со личните врски, коешто пак ќе ви помогне во вашиот брак. Откривме дека тоа се менува со секој нареден брат или сестра. Да се има повеќе браќа и сестри значи повеќе искуство со други луѓе, што се чини корисно во справувањето со врските и со бракот во понатамошниот живот како возрасни.“

Студијата ги користела податоците од општото социјално истражување, каде што биле интервјуирани околу 57.000 возрасни од сите делови на САД помеѓу 1972 и 2012 година. Резултатите покажале дека секој дополнителен брат или сестра до околу седум членови обезбедува понатамошна заштита од развод.

Па, доколку уживате во врската со вашиот партнер во животот, можеби е време да им се заблагодарите на вашите браќа или сестри!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар