Бидете pun-тастични со Дебелиот крај: Смеењето и хуморот се извор на доброто расположение
„Зошто на клавир можеш да се наслониш, а на слон не можеш да се наклавириш?“, „Дали вработените во фабрика за чај прават пауза за кафе?“, „Доколку човекот може да се наежи, дали ежот може да се начовечи?“, „Дали сме Дебелиот крај затоа што сме дебели или сме дебели поради Дебелиот крај?“ се само дел од прашањата што го измачуваат ова pun-тастично дуо познато како Дебелиот крај. Наско Џорлев и Симе Златков ги освоија социјалните мрежи со нивните „pun-ови“ и уникатната смисла за хумор. Креативни и забавни, Дебелиот крај нудат квалитетни и досетливи шеги што успеваат да извлечат насмевка од сечие лице.
Сепак, нивната спонтаност е она што им носи најмногу следбеници. Кога ги гледате нивните видеа, не знаете на што попрво да се насмеете: Дали на нивните интелигентни игри со зборови, дали на нивното заразно смеење или на фактот што тие самите се забавуваат максимално додека снимаат. Не постои сомнеж дека хуморот на Дебелиот крај нуди оддишка од секојдневните проблеми и брзото темпо на живот. Наско и Симе (обајцата музичари по професија) ни раскажаа нешто повеќе за улогата на хуморот во општеството…
Хуморот на Дебелиот крај
Очигледно е дека хуморот на Дебелиот крај воглавно се состои од правење „puns“ (панови). Па, што се тоа „puns“? Се работи за игри со зборови, односно правење комбинација од зборови со двосмислено значење. Тоа не е толку лесно колку што изгледа, но Дебелиот крај многу вешто ја користат оваа хумористична алатка и со право се нарекуваат pun-тастични. Па, за кого е наменет ваквиот хумор?
„Тоа што го правиме би го нарекле забава, пред сѐ за нас самите, а потоа и за оние на кои им се допаѓа. Не целиме кон некоја одредена публика, туку нашиот хумор е наменет за луѓето коишто сакаат да нѐ гледаат. Ако мораме некако да го класифицираме нашиот хумор, освен тоа што го имаме направено со пановите, правиме комедија на скечеви, треш и нискобуџетна комедија (во нашиот случај без-буџетна хахах)“, откриваат Дебелиот крај.
На крајот на краиштата не е толку важно во која група спаѓа хуморот на Дебелиот крај сѐ додека успева да нѐ насмее.
Целта на Дебелиот крај
Дали Дебелиот крај се навистина толку спонтани колку што изгледаат или пак целиот нивен концепт е добро испланиран? Дали тоа што го прават има некаква цел или пак само сакаат да се забавуваат? Симе и Наско ни ги одговорија овие прашања…
„Почетокот на тоа што почна да функционира како Дебелиот Крај беше наменето за сосема различна платформа на хумор и забава и не испадна тоа планираното туку беше сосема спонтано од самиот почеток. Немаме некоја конкретна цел, туку одиме напред со таа идеја што ја имаме во моментот.“
Најинтересните работи во животот се случуваа случајно. Идејата за Дебелиот крај не е исклучок. Спонтаноста е една од главните одлики на ова хумористично дуо. Тоа е видливо по начинот на обработување на нивните видеа, а и самата содржина. Дебелиот крај се искрени и се издвојуваат од толпата „фолиранти“, а мора да признаеме дека тоа е вистинско освежување!
Хуморот како алатка за справување со напорното секојдневие
Честопати се вели дека смеењето е половина здравје и дека го продолжува животот. Па, според тоа, слободно можеме да кажеме дека хуморот е одлична алатка за справување со напорното секојдневие. Дали ви се случило да ве изнервира шефот на работа и да ви се уништи цел ден? Но, потоа сте погледнале некое смешно видео и веднаш сте се чувствувале подобро. Сличен ефект постигнуваат и видеата на Дебелиот крај.
„Смеењето и хуморот се изворот на доброто расположение. Дури и кога сте најдепресивни, ако нешто искрено ве насмее, барем за момент ќе заборавите на лошите мисли, напорната работа и сите проблеми што ги имате.. Дури самото ’исмевање’ на таа негативна работа или проблем ја прави полесно надминлива и денот веднаш станува полесен“, објаснуваат Наско и Симе.
Ако имате тежок ден, ние ви препорачуваме да го погледнете следново видео на Дебелиот крај:
Продолжува на следната страница…