Би пробале ли сино вино?
Црвено, розе, бело – кога станува збор за вината, слободно може да се претпостави дека многумина ги испробале сите вкусови. Но, би го пробале ли новото шпанско вино кое има сина боја?
6-те млади иноватори кои стојат зад рецептот на виното Gïk ја разигруваат традицијата со посветол и посмел пресврт на омилениот ферментиран пијалак. Виното е изработено од комбинација на црно и бело грозје и помешано е со темно сина прехранбена боја и антоцијанин – пигмент кој се наоѓа на кожата на грозјето.
Винаријата Gïk е сместена во шпанскиот регион на Баскија, но компанијата вели дека локациите и различните врсти грозје не се важни. За нив, она што е најважно се луѓето кои стојат зад продуктот. Младите претприемачи немаат искуство во индустријата со вино, но поминале 2 години во соработка со Универзитетот на Баскија за да го измислат рецептот.
Но, зошто ја избрале токму сината боја? Компанијата нуди низа симболични објаснувања, вклучувајќи го фактот дека сината боја го претставува движењето, иновацијата и бесконечноста. Исто така се поврзува и со промената. Изгледот можеби е радикален, но вкусот е доста пријатен: Наводно, виното е послатко од обичното црвено или бело вино, иако не содржи дополнителен шеќер. Секое шише има 11.5% алкохол и чини околу 10 евра. Моментално се продава само во Шпанија, но се очекува и извоз низ цела Европа и Америка уште наредниот месец.