Авантурите на еден еж и на една бенгалска мачка се хит на Инстаграм
Животните се најслатките авантуристи. Новите ѕвезди на Инстаграм, ежот Херби и бенгалската мачка Одри, тоа го докажуваат од ден на ден. Тие заедно нѐ потсетуваат на најубавите делови од нашата планета и уживаат во секој заеднички момент.
Нивната пријателка, фотографката Талита Гирнус, постојано ги слика додека тие позираат пред планини, на ливади полни со цвеќиња или додека уживаат во попладневната ужина. На нивната среќа ѝ нема крај, а нивниот профил на Инстаграм има дури 1,6 милиони следбеници.
Талита ги објавува фотографиите од своите љубимци на Инстаграм профилот mr.pokee, што е всушност името на нејзиниот прв еж од кој почнало сè.
„Го знаете ли она чувство како светот да застанал на неколку секунди? Е, па така јас се чувствував кога Поки беше првпат во моите раце“, се присетува Талита на својата прва средба со својот прв еж кој тогаш бил стар само 8 недели.
„Беше многу мирен додека лежеше на мојата дланка. Се чини како да сакаше да ми каже дека припаѓа баш тука“, продолжува да раскажува Талита за нејзиниот некогашен љубимец.
За жал, ежето Поки умрело малку пред неговиот четврти роденден, на почетокот од 2019 година. Меѓутоа, неговиот дух и понатаму живее на Инстаграм профилот посветен на авантурите на Херби и Одри.
„Со сите сериозни работи што се случуваат во светот, на луѓето им треба причина да се насмевнат. Јас сум среќна што тоа можам да им го овозможам преку фотографиите со Херби и Одри“, вели Талита и дополнува дека секогаш кога некој ќе го посети нејзиниот профил треба да се присети дека никогаш не треба да ја изгуби вербата во добрината и секогаш треба да го следи своето срце.
Прочитајте ја во продолжение и приказната за вдоменото маче Баблс кое го освојува Интернетот со својата преслатка насмевка.