Авантури, забава и незаборавни спомени: Прошетајте низ светот со блогерката Софија Јанева

Авантури, забава и незаборавни спомени: Прошетајте низ светот со блогерката Софија Јанева

Софија Јанева е 24-годишна девојка чиј Инстаграм профил ќе ве привлече уште од првиот момент штом го видите. Таа исто така води и свој блог, каде што можете да прочитате многу интересни текстови од областа на патувањето и модата. Од професионален аспект, таа е дипломиран економист, но набрзо ќе ја добие и својата магистерска диплома во областа на дигиталниот маркетинг. За Софија маркетингот отсекогаш бил огромна пасија во животот, а во моментов раководи со маркетинг агенцијата „Niko Media“.

Прочитајте го нашиот разговор за нејзините патувачки авантури во продолжение, и уживајте во неверојатните фотографии што таа ги прави…

A post shared by Adventures With Janeva (@janeva) on

1. Кое е првото патување на коешто се сеќаваш и колку години си имала тогаш? Дали отсекогаш си уживала во патувањето или тоа ти е новоразвиена страст?

Јас патував уште од многу рана возраст со моите родители, од кои ја наследив љубовта кон патувањата, авантуристичкиот дух и желбата за истражување нови дестинации. Воедно, моја голема инспирација е и тетка ми Марија која е страсен турист и светски патник и го има пропатувано скоро целиот свет.

Првото патување на кое се сеќавам е двонеделниот одмор во Хургада, Египет. Тој изобилуваше со прекрасни песочни плажи, корали, нуркање, неверојатен морски свет, патувања низ пустината, пирамиди и фасцинантни атракции.

2. Која ти е омилената дестинација од твоите досегашни авантури? И кое место на оваа планета би отишла веднаш да го посетиш, без размислување, доколку ти се укаже шанса?

Мојата омилена дестинација е и ќе остане Калифорнија, каде што имав можност да живеам една година и каде што го завршив средното училиште. Лос Анџелес е градот на моите соништа, центар на филмската индустрија, модата, Холивудските ѕвезди, Дизниленд, прекрасните плажи (мојата омилена е плажата Венеција), шопинг центрите и забавните паркови… Тоа е место каде што создадов нови и доживотни пријателства.

Она што посебно ме фасцинираше е прекрасната клима и сонцето преку цела година. Секогаш кога ќе ми се укаже можност,  без размислување ќе се враќам во Лос Анџелес.

3. Дали си отишла на некое место што излегло многу поразлично одошто си очекувала, на негативен начин? Исто така, дали постои некое место на коешто никогаш не би се вратила назад?

Сите дестинации кои сум ги посетила ме инспирирале на посебен, поинаков начин и ми даваат позитивна енергија. Сепак, понекогаш нашите очекувања од некое место се поинакви од реалните доживувања. Таков впечаток ми остави Мексико, каде што и покрај преубавите плажи, неверојатните активности како јавање коњи и забавите со необични коктели во локалните барови, негативен впечаток ми остави големата нечистотија и беда во Тихуана, бездомниците што се присутни насекаде и чувството на небезбедност поради криминалот и дрогата. Бев дури и сведок на полициска интервенција при апсење на нарко трафиканти на американско-мексиканската граница. Мислам дека не би се вратила повторно во Мексико.

4. Со какви проблеми најчесто се соочуваш на твоите патувања? Исто така, какви совети би им дала на младите македонски патници и авантуристи за подобра подготовка?

За среќа, не сум се соочила со некои поголеми проблеми при моите патувања, повеќе би рекла одредени предизвици, како што се доцнење на поврзани авионски летови при трансфер, губење багаж, неочекувана промена на климатските услови… Сепак, со добра организација и планирање на патувањето, како и позитивен пристап и авантуристички дух, секое патување претставува огромно задоволство и неповторливо искуство.

Мој совет за младите авантуристи и љубители на патувањата е да го користат секој слободен момент за да ги остварат своите соништа. Ниедна дестинација не е премногу скапа ако имате добра организација и ако планирате со време. Одберете ја вашата омилена дестинација и планирајте најмалку три месеци однапред – тука се вклучени авионските билети и резервацијата на сместувањето (Booking, Airbnb, хостели). Доколку е потребна виза, почнете со организацијата и шест месеци однапред.

Потоа задолжително истражете ги сите знаменитости кои планирате да ги посетите, сите можни начини на транспорт (влезниците за музеи и метро картите можат да се купат поевтино онлајн), како и студентските попусти. Исто така препорачувам и користење бесплатни локални туристички водичи што можат да се најдат во секој град. За разгледување на градовите ги препорачувам и „Hop-on Hop-off“ автобусите. Офлајн мапите исто така се нешто без што не тргнувам од дома!

Со вас носете ги само најнеопходните предмети и што е можно помалку багаж, одберете сместување со поголем позитивен рејтинг и бесплатно Ви-Фи, пробајте ја локалната кујна, научете неколку изрази на локалниот јазик, започнете го денот порано и нормално, направете многу фотографии… спомените се бесценети и вечни!

Исто така, јас лично имам позитивно искуство со користење евтини авионски летови до најразлични дестинации, кои имаат организирано автобуски трансфер до центарот на градот. Не плашете се да одберете и ваква опција за да заштедите на патувањето.

5. Би сакала ли да споделиш некое незаборавно забавно искуство од твоите патувачки патешествија? Нешто што ти се врежало во сеќавањата и што никогаш нема да го заборавиш.

Едно од моите најнезаборавни патувања е Австралија, посетата на Мелбурн и Сиднеј, а особено турата по „Great Ocean Road“ (Големиот океански пат) во должина од околу 100-тина километри, каде што со моите пријатели ги посетив најневеројатните плажи и заливи, најфасцинантните гребени и едно од новите светски чуда – „12 Апостоли“ како финале.

Моите фотографии сведочат за импресивната природна убавина на оваа обала. Пливањето и нуркањето во океанот е незаборавно искуство, иако секогаш треба да бидете внимателни поради честото појавување на ајкули во близина на брегот. Таму ги видов најголемите и најстрашните инсекти, но имав можност и да погалам џиновски кенгури, мали слатки коали и папагали во најразлични бои што ми слетуваа на рака.

6. И за крај, што е тоа што те поттикнува на патување? Дали би можела да си го замислиш животот без да патуваш?

Патувањата отсекогаш биле моја страст. На патувања ме поттикнува љубопитноста и желбата да ги истражам неоткриените убавини во светот, да соберам нови искуства и да стекнам нови пријателства. Секое патување ме исполнува со нова енергија и ме инспирира да создадам нови фотографии и занимливи блог постови.

Досега имам посетено дестинации на сите континенти, освен во Јужна Америка и на Антартикот. Патувањата низ светот го прошируваат умот, давааат слобода на размислување и поттикнуваат на авантури, така што мојот живот би бил навистина неисполнет и празен доколку не би патувала.

Искачете се и на планинските врвови со Љупчо Јовчевски, македонски планинар и авантурист.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар