Астрономски доживувања во 2012
Автор: Весна Јовановска
Оваа година ќе имате причина често да гледате во небото и да се воодушевувате од небесната глетка. Доколку сте во можност, не заборавајте ги овие датуми и периоди од годината и уживајте во природните феномени на небесните тела во 2012.
4 јануари: метеорски дожд „Квадрантиди“
Вечерва метеорскиот дожд „Квадрантиди“ го достигнува својот врв во североисточна Америка. Тој е меѓу најсилните метеорски дождови. Зависно од каде набљудувате, за еден час можат да се видат до 100 метеори. Најдобрите шанси да се ужива во оваа глетка се во 3 часот наутро, кога небото ќе биде најтемно. Тогаш најубаво ќе можат да се видат сино обоените метеори. Квадрантиди е единствениот метеор кој носи име по непостоечко соѕвездие. Созѕвездието по кое бил именуван не постои од 1922 година.
Од 20 февруари до 12 март: појавата на Меркур
Во февруари и март, најскриената планета Меркур ќе може да се види со голо око. Планетата во овие дваесетина дена ќе се движи далеку од сјајот на Сонцето, заради кој во останатиот период од годината, таа е практично невидлива. Најдобра за набљудување ќе биде 20 минути по зајдисонце или пред изгрејсонце. Појавата на оваа планета ќе биде надополнета со сјајните Венера и Јупитер, кои исто така, ќе бидат видливи на западната страна од небото, во истиот период. На 5 март планетата ќе биде најдалеку од Сонцето и највидлива. За да ја набљудувате, доволен ќе ви биде само еден обичен двоглед. Во останатиот период од годината, Меркур не може да се набљудува, бидејќи е преблиску до Сонцето во однос на нашата планета.
3 март: Марс во опозиција
На 3 март, таканаречената црвена планета ќе биде најблиску до Земјата, односно ќе биде оддалечена 100.744.934 километри и комплетно ќе биде осветлена од Сонцето. Ова е одличен ден за набљудување и фотографирање на Марс. Во ова астрономско доживување ќе можете да уживате преку целата ноќ. Во август 2003 година, Марс била уште поблиску до Земјата, односно на околу 50.000.000 километри оддалеченост.
13-14 март: заеднички настап на Венера и Јупитер
Венера и Јупитер тогаш ќе бидат најблиску една до друга или на околу 3 степени оддалеченост. Двете најсветли планети, по залезот на Сонцето ќе направат преубава небесна глетка, во која ќе уживате со голо око. После овој датум тие ќе почнат полека да се разделуваат. На 25 и 26 март небесната сцена ќе ја надополни месечевата светлина, со што глетката ќе стане уште поубава.
5 и 6 мај: метеорски дожд „Аквариди“ и полна месечина
Во овие два дена ќе се случи метеорскиот рој „Аквариди“. Тоа е слаб метеорски дожд, со максимум 10 метеори на час. На 6 мај очекувајте ја и најголемата полна месечина во 2012 година. Таа уште толку ќе ја намали видливоста на метеорите, но оние најсјајните кои ќе дојдат од правец на соѕвездието Водолија, сепак, ќе можат да се видат. Веднаш по полноќ, свртете се кон исток и набљудувајте ја оваа несекојдневна појава.
20 мај: Ануларна соларна еклипса
На овој датум ќе може да се види затемнувањето на Сонцето. Патеката ќе започне од источна Кина, преку јужна и централна Јапонија, Тихиот Океан, Западна Америка. Делумно, затемнувањето ќе може да се види и во Источна Азија и Северна Америка. Дискот на Месечината ќе биде помал, со што околу неа ќе се појави огнен сончев прстен.
4 јуни: делумно затемнување на Месечината и полна Месечина
Во 12:12 часот, ќе се појави полна Месечина, а ќе следи и нејзино делумно затемнување, кое ќе биде видливо во Азија, Америка, Австралија и на Тихиот океан.
5 јуни: транзит на Венера преку Сонцето
Ова е еден од најретките астрономски настани, поретки дури и од враќањето на Халеевата комета, која се појавува на секои 76 години. Досега биле забележани само 6 транзити на Венера. Овој транзит ќе биде целосно видлив во голем дел од Источна Азија, Алјаска и Источна Австралија. Во текот на изгрејсонцето, тој ќе може да се види и во Источна Африка, Западна Азија и низ цела Европа, што значи и кај нас. Делумно ќе можат да го погледнат и во добар дел од САД, за време на зајдисонцето. Следниот транзит на планетата треба да се случи дури во 2117 година. Кога Венера е во транзит низ сончевиот диск, на неа се појавува мала црна дамка од Сонцето, но доволно голема да се види со голо око. Потенцијалните набљудувачи, за да ја видат силуетата на Венера, ќе треба да преземат посебни мерки на претпазливост, исто како и за затемнувањето на Сонцето.
12 и 13 август: метеорски рој „Персеиди“
Персеидите се меѓу поголемите метеорски дождови. Нивниот максимум е 90 метеори на час. Месечината во овој период ќе биде високо на небото, па на набљудувачите ќе им предизвика мала непријатност, со тоа што ќе им ја намали видливоста. Но, тоа сепак, ќе биде незначително. Затоа, свртете го погледот кон североисток, застанете на некоја темна локација, далеку од населените осветлени места и уживајте во метеорскиот дожд. Помали метеорски дождови од овој вид ќе може да се забележат и во периодот од 23 јули до 12 август.
13 ноември: целосно затемнување на Сонцето
Но, ова ќе биде видливо само на Јужниот Пацифик и во делови од Северна Австралија. Практично целата патека е над вода. Делумно ќе можат да го набљудуваат во источна Австралија и Нов зеланд. Првото комплетно затемнување на Сонцето е регистрирано во јули 2010 година. На овој датум во 23.08 часот ќе се појави и млада месечина.
3 декември: Јупитер во опозиција
На 3 декември најголемата планета Јупитер ќе биде во опозиција, односно најблиску до Земјата. Ќе биде во целост осветлена од страна на Сонцето и ќе може да се набљудува со голо око. Слободно изберете локација и со себе понесете фотоапарат.
13 и 14 декември: метеорски дожд „Близнаци“
Тој ќе биде најинтересниот метеорски дожд годинава. Неговиот максимум е 120 метеори на час. Вечерта на 13 декември, ќе започне да доаѓа од над источниот хоризонт, од правецот на соѕвездието „Близнаци“ и ќе паѓа цела ноќ. Но, најдобро е да се набљудува по полноќ. Ќе има млада месечина, односно небото ќе биде темно, а метеорскиот дожд поволен за набљудување. Мал број метеори ќе бидат видливи и една недела пред 13-ти, како и пет дена после 14 декември.
———————————————————————————————————————————————————————
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.