Амстердам планира да ги забрани сите неелектрични возила до 2030-та година
Амстердам објави план според кој планира да ги забрани сите возила на бензин и плин до 2030-та година, со цел да го намали загадувањето.
„Загадувањето често е тивок убиец и е едно од најголемите опасности за здравјето во Амстердам“, изјавила советничката за сообраќај Шерон Диџксма.
И покрај културата со велосипеди, нивото на загаденоста на воздухот во Холандија ги надминува безбедносните граници на Европската Унија, најмногу поради сообраќајот во Амстердам и Ротердам. Шерон изјавила дека загадувањето на воздухот во градот го скратува животот за повеќе од една година.
Планот ќе биде имплементиран во неколку фази:
1. До 2020-та година, возилата на бензин постари од 15 години ќе бидат забранети во областа што го опкружува главниот град.
2. До 2022-ра година, возилата за јавен превоз што емитуваат штетни гасови ќе бидат забранети во центарот на градот.
3. До 2025-та година, бродовите што емитуваат гасови и мопедите исто така ќе бидат забранети.
4. До 2030-та година, ниту едно возило нема да смее да емитува гасови.
За планот да биде успешен, градот ќе мора да го зголеми бројот на станици за полнење на електрични возила, и тоа од 3.000 на 16.000, па на 23.000 до 2025-та година. Советот се надева дека ќе ги охрабри жителите да ги заменат возилата со електрични, така што ќе им нуди субвенции и дозволи за паркинг.
На активистите за климатски промени им се допаѓа планот поради неговата амбиција.
„Забранувањето на возилата и моторите со гориво може да се изведи бидејќи Амстердам го прави тоа. Кога тие можат да го направат, тогаш можете да го направите и вие“, објавиле од организација Extinction Rebellion.
Сепак, не сите се задоволни со планот.
„Илјадници семејства кои немаат пари за електрични автомобили наскоро ќе бидат оставени надвор на студот. Ова го прави Амстердам град на богатите. Во 2030-та година, очекуваме околу третина од автомобилите да бидат електрични. Но ќе има многу луѓе кои нема да можат да си го дозволат тоа дотогаш“, изјавиле од автомобилското лоби Rai Association.
Но, професорот Маартин Стеинбуш од Универзитетот за технологија Ајндховен е оптимист и истакнал дека електричните автомобили поевтинуваат и дека веќе се поевтини за одржување од возилата на гориво.
„Сè уште имаме 11 години“, изјавил тој.
Планот треба да добие одобрение од целиот градски совет на Амстердам и прво треба да помине низ период на јавно коментирање.
Дознајте и колку е штетно загадувањето на воздухот и како да се заштитите.