Ако нешто морате да платите со својот мир, тогаш тоа е премногу скапо!
Понекогаш, најтешките рани не се оние кои ги добивате од другите, туку оние со кои вие самите си наштетувате. Тоа се оние бројни рани во кои ги откривате своите болни сеќавања, рани во кои се присетувате на своите стари разочарувања и го задржувате во мислите сѐ она што ви го руши мирот. Најтешки се оние рани од кои ништо не учите и кои не ви даваат никаква животна лекција, а секогаш повторно се појавуваат. Но, за тие сами сте си криви, затоа што повторно им се враќате и тие повторно се причината за вашето страдање.
Најтешки се оние рани за кои немате сила да си опростите, иако знаете дека другите веќе го направиле тоа, зашто мислите дека така ќе ја подобрите сликата која ја имате за себе. Ваквите рани не ви овозможуваат да се помрднете од место, а настануваат тогаш кога се грижите за тоа што другите мислат и зборуваат, па ги оставате на страна сите оние соништа кои ги носите со себе. Најтешки се оние рани кога не правите граница помеѓу себе и другите, оние рани кои настануваат кога им дозволувате на останатите да се однесуваат кон вас онака како што тие посакуваат, наместо самите да им одредите граници до каде може да одат, а до каде не. Тешки се раните кои настануваат кога премногу им верувате на луѓето, иако безброј пати ве разочарале, мислејќи дека овој пат ќе се однесуваат поинаку, а тие повторно, по стоти пат ве повредуваат. Тие повеќе не се поединечни рани, туку стануваат постојана состојба во која веќе немате моќ да се борите за себе.
Сето тоа се случува затоа што го жртвувате вашиот мир поради некоја лажна надеж и ветување, го жртвувате својот мир сакајќи да ги задоволите другите, оние кои тоа не би го направиле за вас. А потребно е само едно, да бидете свесни колкава е вредноста да имате свој мир, да не трчате по другите, да не се залагате за работи кои не ве прават среќни, да имате своја цел и да верувате во идеалите. Сѐ помалку од тоа значи дека самите си нанесувате рани.