9 животни кои нема да ги видите во зоолошка градина
Некои животни се исклучително ретки или пак се многу чувствителни на промените во животната средина. Таквите услови не можат да се симулираат во вештачко опкружување, па затоа овие животни не се жители на зоолошките градини.
Луѓето најчесто одат во зоолошките градини и аквариуми за да се доближат до видовите животни кои инаку никогаш не би можеле да ги видат одблизу во природата.
Едукацијата и зачувувањето на видовите е една од главните задачи на современите зоолошки градини, изјавил натуралистот од Националната федерација за животински свет, Давид Мизејевски.
„Сепак, постојат видови животни на кои едноставно не можете да им дозволите, од различни причини, да бидат ставени под човечка грижа“, дополнува тој.
1. Саола (азиски еднорог)
Саолата спаѓа во групата на цицачи и единствено може да се види во планинскиот предел Анами во Виетнам и Лаос. Според Светскиот фонд за животински свет, овој вид е откриен во 1992 година. Саолата е позната и како азиски еднорог, а се смета за критично загрозено животно кое ретко може да се види.
2. Џиновска лигња
Најголемата џиновска лигња до која научниците имаат дојдено тежи речиси еден тон. Океанот е огромен свет, а џиновската лигња живее во неговите длабоки делови, поради што не може да се улови, па дури ни да се види. Повеќето сознанија за џиновските лигњи се резултат на мртвите трупови кои испливуваат на површината на океаните, кои ги пронаоѓаат рибарите.
3. Индри лемур
Индри е голем лемур кој живее во Мадагаскар. Во заробеништво, ниеден лемур од овој вид не преживеал повеќе од една година. Истражувањата покажале дека индри лемурите јадат одредена храна во одреден период од денот, па затоа оваа нивна животна навика не може да биде заменета во заробеништво. Исто така, ако бидат оттргнати од природната средина, дивината, овие лемури не се репродуцираат од некоја непозната причина.
4. Јавански носорог
Најреткиот цицач на планетата е јаванскиот носорог и според Светскиот фонд за животински свет, ниту еден не е во заробеништво. Тие се срамежлив вид и навикнати се да живеат во бујната вегетација на тропските шуми, што е тешко да се создаде во вештачки услови. Има вкупно 63 носорози од овој вид и сите живеат во Националниот парк Ујунг Кулон, во Индонезија.
5. Ластовичка
Животниот фокус на една ластовичка ѝ е да лета. Поради тоа, тие се премногу осетливи птици кои не можат да бидат во заробеништво.
6. Нарвал (морски еднорог)
Морскиот еднорог е карактеристичен по својот долг и тесен рог. Тоа е чудно животно кое лови во големи длабочини, па затоа не може да се фати.
„За разлика од другите китови, нарвалите можат да живеат повеќе од 100 години, но во заробеништво брзо умираат, ограничувајќи ја можноста за нивно проучување“, пишува магазинот Смитсонијан.
„Кога станува збор за овој ѕвер, сѐ што имаме е увид“, изјавил канадскиот специјалист за нарвали, Пјер Ричард.
7. Планинска горила
Во текот на 60-тите и 70-тите години на минатиот век, имало многу обиди да се фати и одгледува загрозениот вид планинска горила, се вели во извештаите на Меѓународната програма за зачувување на горили. Сѐ уште не е јасно зошто оваа горила не може да преживее во заробеништво, а другите видови можат. Експертите наведуваат дека причината може да е нивниот специфичен начин на исхрана или стресот што предизвикува многу брзо да се разболат.
8. Розов вилински оклопник
Розовиот вилински оклопник е настанат во Аргентина и ретко може да се види дури и во дивината. Зоолошката градина во Сан Диего соопштила дека овој вид оклопник во зоолошка градина може да живее само неколку години. Поради тоа, за нив не се знае многу, но заробеништвото и промените во исхраната се покажале како значаен извор на стрес.
9. Голема бела ајкула
Некои аквариуми се обиделе да чуваат голема бела ајкула во заробеништво. Во 2016 година, во аквариум во Јапонија ајкула од овој вид умрела за само 3 дена, бидејќи одбивала да јаде. Исто така, оваа ајкула е позната по тоа што сака да „лута“ по длабочините.
„Ние не можеме да им овозможиме доволно добри услови како во нивната природна средина, за да би можеле големите бели ајкули да преживеат во заробеништво“, објаснил Мизејевски.
Автор: Мартин Митев