9 најголеми заблуди за паровите кои немаат деца
Да се биде родител е животна одлука која не смее никому да биде наметната, туку треба да биде донесена врз основа на сопствените размислувања, ставови и желби. Луѓето, односно паровите, кои не сакаат да имаат деца не се ништо помалку вредни од оние кои имаат деца. Одлуката да не се стане родител треба да се почитува и прифати исто како и одлуката да се биде родител. Но, и покрај сè, многу често паровите кои немаат деца налетуваат на критики и погрешни сфаќања. Погледнете ги следниве најголеми заблуди за нив…
1. Тие имаат бескрајно слободно време кое често го трошат за џабе
Ако паровите немаат деца, тоа не значи и дека тие не знаат што да прават со себе по работата или пак, за време на викендите. Луѓето без деца имаат различни приоритети и други интереси, како во љубовта така и во животот. Токму затоа дури и на нив понекогаш деновите им се прекратки за сите оние нешта кои сакаат да ги направат.
2. Тие не ги сакаат децата на нивните пријатели и роднини
Луѓето кои немаат свои деца сакаат да ги гледаат оние на своите најблиски како растат. Тие можеби понекогаш немаат трпение со нив, но тоа е сосема нормална човечка реакција која може секому да му се случи, дури и на родителите.
3. Тие имаат скриена и мрачна причина зошто не сакаат деца
Многу е непристојно постојано да се поставува прашањето „Зошто не сакате дете“? Верувајте, оваа одлука била донесена со долго размислување и разговарање во кое биле вклучени многу фактори. Можеби станува збор за некој поголем проблем или пак, едноставно за недостаток на потреба за репродукција.
4. Тие не знаат како да се грижат за деца
И оние кои имаат свои деца не знаат како да се грижат за нив, но со тек на време, со искуството учат. Токму затоа и нема причина да не ги замолите да го чуваат вашето дете или пак, да ги исклучите целосно од неговото растење.
5. Тие не знаат што е важно во животот и што пропуштаат
Зошто сметате дека постои универзална дефиниција за она што е важно во животот и она што не е? Секој има право на свои приоритети и на пронаоѓање на сите оние нешта кои ги прават среќни и исполнети. Родителството не е за секој.
6. Тие се незрели и себични
Зарем не е понезрело и посебично кога луѓето имаат деца затоа што сметале дека тоа се очекува, а потоа не се грижат добро за нив? Или пак, имаат деца само затоа што сакаат тие нив да ги чуваат кога ќе остарат?
7. Тие користат домашни миленици како замена за дете
Паровите без деца немаат куче, мачка или друго домашно милениче како замена за дете, туку затоа што едноставно сакаат животни во својот дом. Тие исто така нема потреба да се правдаат затоа што го сакаат ова мало суштество повеќе од сè на светот.
8. Тие не сакаат да бидат поканети на детски родендени
Паровите без деца сакаат да бидат што е можно поголем дел од животот на своите најблиски, исто како и сите други. Токму затоа и тие сакаат да бидат дел од роденденските прослави на нивните мали.
9. Тие сигурно ќе го променат своето мислење за деца
Никогаш не велете никогаш. Мислењето може да се промени, но и не мора. Вие сте во заблуда доколку верувате дека секој пар кој нема деца ќе го промени своето мислење за нив бидејќи дури тогаш нивниот живот ќе им добие смисла. Не можеме ние подобро да знаеме што му е некому потребно повеќе од тие самите.