8 знаци дека сте граѓанин на светот
„За мене е одвратно и недостоинствено да имам душа контролирана од географија.“ – Џорџ Сантијана
„Љубовта кон својата земја е прекрасна работа. Но, зошто љубовта треба да застане на граница?“ – Пабло Касалс
Доколку се пронајдовте во овие два цитати тогаш сигурно не сте од оние луѓе кои се убедени дека нивната вера или нивната етничка заедница е најдобрата на светот и не им судите на другите. Напротив, вие сте космополит, немате предрасуди кон другите култури и сигурно ќе се пронајдете и во овие осум знаци.
1. Имате одреден презир кон границите
На светов постојат многу граници. Не само оние политичките кои некој решил да ги стави за „нашето“ да го одвои од „нивното“, туку и етнички, расни, класни, полови граници. Вие, граѓанинот на светот, знаете дека сите тие се вештачки. Знаете дека и од двете страни на границата живее еден ист народ, луѓе кои се исти како вас и чија животна цел е да ја пронајдат својата среќа. Вие досега сте сфатиле дека без оглед на тоа на која етничка заедница, раса, пол или класа припаѓаме, сите сме едно.
2. Се грижите и за луѓе кои не се „ваши“
Ќе слушнете на вести дека некој некаде бил убиен, но вам не ви е битно каде и кому му се случило тоа за да знаете дали и колку да се загрижите. Без разлика дали неправдата му се случила на некого од вашиот народ или на некој кој живее на друг континент, она што вас ве загрижува е постоењето на неправдата, а не на повредата на некој кој е „ваш“, затоа што сите се ваши.
3. Немате предрасуди кон другите култури
Вие сфаќате дека луѓето во целиот свет си имаат свои причини поради кои ги прават работите така како што ги прават. Не им судите за тоа низ призма на вашата култура. Доволно ви е само да ги опсервирате другите култури кога посетувате некое место, но не се впуштате во тоа да им судите и да велите дека една култура е повеќе или помалку вредна од некоја друга. Се разбира, има такви кои што ви одговараат повеќе или помалку и такви во кои би можеле или не би можеле да живеете, но не им судите на оние кои не ви одговараат.
4. Сакате да учите за други култури
Ве интересира зошто во Данска е толку чисто, зошто во Индија кравата има толку посебен статус и зошто во Холандија се возат толку многу велосипеди. Не им судите, туку сакате да научите за нив. Љубопитни сте за тоа што се случува во светот. Тоа ве тера да патувате, а кога има некое место на кое не можете да отидете поради недостаток на пари тоа се трудите да го надоместите со читање книги или истражување на интернет.
5. Ве интересираат отворените политички и општествени прашања
За вас интерес за политика не се оние малограѓански препукувања, туку вистински важните општествени прашања. За вас вистински проблеми се религиската нетрпеливост, национализмот, недостатокот на вода за пиење, неправедната распределба на парите, човековите права итн. Ако целиот свет е ваш дом тогаш проблеми за вас се оние чие решавање ќе го направи светот подобро место за живеење за сите.
6. Не ја глорифицирате историјата
Историјата е прекрасна наука која ни покажува што се случувало во минатото, како размислувале нашите предци и што правеле согласно нивните размислувања. Вас ве интересира тоа, но не го глорифицирате минатото на вашиот народ. Минатите настани не ги гледате како нешто кое треба да ви создава непријатели помеѓу оние кои им згрешиле на предците, туку како нешто кај кое треба да ги согледате грешките, да извлечете поуки и да изградите подобра иднина за вас и сите околу вас.
7. Отворени сте за нови работи
Наоѓате возбуда во пробувањето нови нешта кои не сте ги пробале претходно. Ако некој од некоја друга земја го прави тоа, зошто не можете и вие? Би сакале и да се пробате да живеете во некоја поинаква култура за подобро да ја разберете и да видите како би се снашле во неа. Не ве спречува тоа што ќе бидете неконвенционални, кога знаете дека и надвор од она што ви е познато лежат многу лекции за животот.
8. Зборувате повеќе јазици
Јазиците ви се неопходен алат за разбирање на другите луѓе. Замислете да зборувате само македонски јазик! Во таков случај би можеле да се разберете само со два милиони граѓани на земјава и уште неколку милиони во соседните земји… и толку. Тоа е премалку за да го разберете светот. Затоа вие се трудите да научите повеќе странски јазици и некои зборови од уште многу јазици. Така можете да комуницирате со многу луѓе, да ги разберете и да бидете вистински граѓанин на светот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.