8 трикови како да се зближите со вашата нова мачка

8 трикови како да се зближите со вашата нова мачка

Кога земате миленик, а особено ако се работи за мачка, треба да бидете подготвени да се посветите и на поврзување, а не само на редовно хранење и одржување хигиена на тоалетниот песок. Популарното верување е дека мачките не умеат да се поврзат со оние кои ги чуваат, но вистината и фактите се на страна на љубителите на овие животни. Тајната е во првите неколку денови откако ќе дојде мачката во вашиот дом, тие се клучни за поврзување со сопственикот и за остварување долга и силна врска.

8 трикови како да се зближите со вашата нова мачка

Исто така, особено влијание има и возраста на мачката, но и нејзината раса. Сепак, не е невозможно и треба да внимавате токму на првите денови од вашето долго дружење, за да ја придобиете нејзината доверба.

1. Дозволете им да најдат точка каде се чувствуваат безбедни

Мачките сакаат да го истражат секој агол од вашиот дом, за да пронајдат место каде ќе се чувствуваат безбедно. Обезбедете им садови за храна, играчки, ќебенце или кошница за спиење. Во прв момент може да се случи мачката да се скрие под кревет или во некој непристапен агол за вас. Оставете ја, кога ќе биде подготвена, ќе излезе. Бидете во истата соба, за да бидат сигурни дека не се сами.

2. Дајте им простор за контрола

Во првата недела, мачката треба да се чувствува удобно. Затоа, дозволете им да влезат во некоја соба, во тоалетот, па дури и во плакарите. Во овој период на прилагодување слободата и контролата кои ги имаат се особено важни за нив.

3. Не ги ограничувајте

Поврзувањето со мачката бара многу трпение од двете страни. Она што не смеете да го направите е да им дадете премал, ограничен простор, ниту пак уште првиот ден да повикате група пријатели за да се радувате на вашето милениче. Тоа треба да се случува постепено, а потоа мачката самата одлучува на кој од вашите блиски ќе му дозволи да ѝ пристапи, а од кој ќе бега.

4. Играјте си со нив

Играчките кои ги купивте не се доволни. Обидете се самите да си играте со нив, да ги галите и да ги задевате. Кога мачката е помала, таа си игра со сè што ќе пронајде. Учествувајте и вие во таа игра.

8 трикови како да се зближите со вашата нова мачка

5. Галете ги и зборувајте им нежно

Освен што сакаат да бидат галени, на мачките им годи да слушаат и нежни звуци. Понекогаш може да се случи да ве разбуди во текот на ноќта и да сака да се гали, па немојте да ја бркате од креветот во вакви ситуации. Галењето е чекор до поврзувањето, особено ако мачката сама одлучила дека сака да се гали токму со вас.

6. Дозволете им да спијат со вас

Ова не секогаш може да биде успешно, бидејќи нивниот циклус за спиење се разликува од нашиот, но секако, вреди да се обидете. Во зависност од мачката и нејзиниот карактер, може да се случи по одреден период да го прифати вашиот ритам и да си легне со вас, но и да се разбуди во исто време како и вие.

7. Давајте им награди

Слично како и кучињата, и мачките позитивно реагираат на награда. Нека биде тоа по успешно завршена нужда или пак во точно определен дел од денот, со што ќе стекнат навика дека во тој момент нешто им следува. Секако, не претерувајте со наградите.

8. Читајте и учете за мачките

Миленичето не е играчка и неговото чување треба да се сфати сериозно. Прочитајте на Интернет што сè треба да правите, консултирајте се со ветеринар и изберете квалитетна храна во пет-шоповите. Колку повеќе знаете за вашата мачка, толку полесно ќе ви биде нејзиното чување.

Прочитајте и како да дознаете дали ѝ недостигате на вашата мачка кога не сте дома.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар