8 тајни и трикови за квалитетно помината вечера во ресторан
Многу луѓе редовно посетуваат ресторани и таму оставаат повеќе пари отколку за сите други нешта во животот. Ако сте и вие меѓу нив, еве неколку трикови кои би ви помогнале да изберете соодветен и квалитетен локал, каде што би поминале убава вечер.
1. Дознајте што јаде главниот готвач
Наместо да го прашувате келнерот за негова препорака на некое од јадењата на листата, прашајте што најчесто главниот готвач си подготвува за себе на паузата за ручек. Веројатноста е тоа да е едно од највкусните јадења, подготвени од најквалитетни продукти.
2. Нарачајте си шише вино
Доколку вашиот партнер со кој сте излегле на вечера сака да пие вино, а и вие едноставно не можете да си ја замислите вечерта без тој пијалак, нарачајте си шише. Тоа е најчесто поевтино, отколку да земате чаша по чаша. Дополнително, не мора да го чекате келнерот постојано да ви ја надополнува чашата.
3. Одете порано во ресторанот
Доколку отидете порано во ресторанот каде што планирате да вечерате, тогаш ќе имате повеќе придобивки. Ќе вечерате порано, што е поздраво за вашиот организам, ќе ги избегнете гужвите и буката кои се создаваат подоцна во вечерта и последно, но можеби и најважно, ќе добиете храна подготвена од најсвежите продукти, планирани за таа вечер.
4. Проверете го тоалетот
Кога за прв пат влегувате во некој ресторан, прва работа што треба да ја направите е да го проверите тоалетот. Влезете во него и убаво погледнете и помирисајте, уште пред да ви го донесат менито. Ако не е чист, одете на друго место. Тоалетот може да биде добар показател и за тоа каква е состојбата со хигиената во кујната на ресторанот.
5. Побарајте си сметка веднаш откако ќе нарачате
Доколку знаете дека престојот во ресторанот нема да трае долго и нема да имате време за десерт, можете веднаш по нарачката за храна да си побарате и сметка. Со тоа ќе се ослободите од мислата колку ќе треба да платите. Кога ќе ја видите сумата, потоа ќе можете полесно да се опуштите и да уживате во јадењето.
6. Нарачајте си мезиња
Зошто да земете само една чинија со големо парче месо, кога наместо тоа може да си нарачате помали чинии со различни закуски. Мезињата се вообичаено поевтини, а можат да ве најадат многу подобро и од главното јадење. Дополнително, тие се секогаш позабавни за јадење, особено во друштво.
7. Избегнувајте да одите во ресторани за време на викенди и празници
Кога рестораните се преполни, тогаш е сигурно дека персоналот е под полна пареа да ја подготви сета нарачана храна и да ја достави до масите. Во тие случаи, несомнено, квалитетот на храната и услугата ќе бидат со помал квалитет. Затоа, за време на релаксираните викенди и празници можете дома да си подготвите вкусна и здрава храна, а специјалните вечери оставете ги за некои од останатите денови во текот на работната седмица.
8. Кажете си доколку сте задоволни или незадоволни од храната
Без оглед дали ви се допаѓа или не сте задоволни од храната која ви е послужена, кажете му го тоа на вашиот келнер, но секако внимавајте притоа да бидете учтиви. Конкретно посочете што не ви се допаѓало кај месото, макароните, салатата… Со тоа, можеби ќе придонесете, готвачите и останатиот персонал да воочат некоја своја грешка и да ја исправат понатака во својата работа.