8 најголеми митови за феминизмот

8 најголеми митови за феминизмот

Зачудувачка е вистината дека најголем број од луѓето всушност не знаат што е тоа феминизам. Насекаде околу нас има лажни дефиниции за овој поим. На некои самиот поим им звучи фрустрирачки, други сметаат дека феминистките ги мразат мажите итн. Денес ги разоткриваме најголемите митови и заблуди за феминизмот, за сите да знаеме што точно значи и кога да го употребуваме терминот.

8 најголеми митови за феминизмот

1. Феминистките ги мразат мажите

Феминизмот не е никакво движење против машкиот пол, напротив. Многумина ги гледаат жените кои себеси се нарекуваат феминистки како исфрустрирани жени кои поради одредени причини ги мразат мажите. Оние кои се залагаат за и веруваат во рамноправност меѓу половите се феминисти. Феминизам по дефиниција значи еднаквост на жената со мажот.

Тука е големиот оксиморон – ако мислите дека сте феминистки а ги мразите мажите, самите себе се дискредитирате, феминистот се залага за еднаквост. Доколку решите да се залагате за ова движење и да го ширите феминизмот како култура на размислување, мора да престанете да зборувате лошо за машкиот род, тие две работи не одат заедно. Токму затоа многумина имаат погрешна слика за феминизмот. Добро е да се знае дека, спротивно од феминизам, постои и поимот шовинизам што во овој контекст значи супериорност на еден пол спрема друг, така што може да бидете женски шовинисти доколку сметате дека женскиот род е супериорен над машкиот.

2. Феминистките не смеат да бидат женствени

Ако сакам да бидам женствена, ако сакам покрај себе да имам џентлмен, ако ја сакам розовата боја, не значи дека немам право да се наречам себеси феминистка. Феминизмот значи дека жените треба да имаат право и слобода на контрола над сопствените тела, начин на живот и размислување, и на никој начин да не бидат ограничени . Тоа дека не смеат да бидат женствени е само едно големо ограничување, иронично, како и големо недоразбирање. Феминистка не е онаа која се труди со начинот на облекување да покаже за што се залага или во што верува, туку онаа која не се плаши со високи потпетици да успева во „светот на мажите“.

Дали сте женски шовинист?

3. Феминистките не сакаат џентлменски гестови

Дефинитивно едно од најголемите недоразбирања е следново: како очекувате од нас да бидеме џентлмени кога се залагате за еднаквост меѓу половите? Да се разбереме, феминистките немаат ништо против да им отворите врата од кола. Јас, како феминистка секогаш сум почестена од овој гест а никогаш навредена. Она што ми пречи и крајно навредува, е шовинистичкото свиркање по пат, довикување и отворениот сексизам од кој по сè изгледа никој не се срами.

Може некогаш дечкото ќе плати за вечерата, некогаш ќе плати девојката. Тоа нема никаква врска со феминизмот, џентлменството е култура на однесување, не само кон жените туку воопшто. Сексизмот е она што ни пречи и крајно нè револтира.

4. Во 21-ви век жените не треба да се борат за своите права

Да, не одрекуваме дека за разлика од некогаш жените во модерниот свет имаат многу повеќе права. Но, да не заборавиме дека постојат многу земји и култури каде жената се третира како предмет на мажот, каде може да биде силувана, а потоа дури и обвинета за тоа, каде жената присилно се мажи на 14 години за 60-годишен човек (извинете девојчето, не жената).

Исто, во т.н. модерни земји, иако сме стигнале далеку, не значи дека жената е третирана еднакво. Би се изненадиле колкав е бројот на девојки и жени кои биле силувани, а никогаш не пријавиле од срам што тоа им се случило нив. Би се изненадиле доколку знаете дека во просек жените се помалку платени од мажите кои ја извршуваат потполно истата работа како и нив. Секако, секогаш ќе постојат личности кои ќе размислуваат различно и ќе имаат предрасуди. Но, важно е да се направи глобална промена.

Тоа ќе го постигнеме кога таткото еднакво ќе се радува на веста дека му се родила ќерка или пак дека му се родил син, кога девојчињата ќе бидат воспитувани дека се еднакви и можат да сторат што сакаат, кога на момчињата од мали нозе нема да им се всади идеја во главата дека тие се мажи во куќата, кога примарна цел на девојките нема да им биде да најдат богат маж туку да се образуваат и вработат, кога ќе ги видите дома таткото и мајката како ги извршуваат домашните обврски заедно. До тогаш може само да си мачкаме очи дека сме рамноправни.

5. Феминистите се против бракот и имањето деца

Бракот е личен избор и зависи од тоа како некој е воспитан и кои му се приоритетите во животот. Бидејќи веќе разјаснивме дека феминистките не ги мразат мажите, кога ќе го пронајдат совршениот партнер за себе може да решат да стапат во брак и да основаат семејство. Секако, ќе се потрудат покрај тоа што ќе бидат мајки, да бидат и многу други нешта.

8 најголеми митови за феминизмот

6. Феминизмот значи жените да уживаат во повеќе права од мажите

Не. Феминизмот значи жените да имаат еднакви права како и мажите, и тоа не само на хартија туку и во пракса. Свесни сте што прави шовинистичкото воспитување на кое се учат машките деца уште од мали – да не плачат, да бидат мажи, да не покажуваат чувства и слично? Статистички е покажано дека се случуваат голем број самоубиства токму поради таа емоционална недостапност. Бидејќи е маж тој не смее да покаже чувства, па мора да ги потиснува во себе.

Значи, феминизмот не угнетува еден пол за другиот да има повеќе права. Феминизмот се залага за еднаквост. Жената може да носи дрва или да си ја поправи колата, а мажот може да пушти солза ако му е тешко бидејќи е човек.

7. Феминистките се хистерични и исфрустрирани личности

Феминистките најчесто се асоцираат со луди, хистерични, гласни, исфрустрирани. Кога жената ќе покаже чувства – таа е хистерична, или под влијание на хормоните, кога ќе повиши глас – таа е самобендисана или крената во облаци или сака да шефува, кога жената ќе покаже сексуалност – таа е непримерна.

Од друга страна, кога мажот е бесен, гласен или наредува, тоа е оправдано, а кога вербално ги изразува сексуалните желби тој е фраер.

8. Феминистите се одреден тип на луѓе

Феминизмот не е ниту секта ниту препознава возраст, потекло или боја на кожа. Феминист може да биде кој сака, и феминист е секој оној кој верува во полова рамноправност.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. meowmeowmeow Reply

    Браво за статијава! Многу ми е мило што и девојките во Македонија почнуваат активно да се залагаат за феминизмот и сфаќаат дека нема ништо лошо во барањето да се биде еднаков. Кај нас се застапени многу малку информации на оваа тема и баш е освежувачки да се прочита нешто што ја покажува вистинската позитивна страна на феминизмот!

  2. никола Reply

    Феминизмот е канцер!

Остави коментар