8 места на кои не би помислиле како дестинација за одмор со семејството
Ова се неколку оригинални и невообичаени дестинации за семеен одмор – од мирните запрепастувачки плажи во Колумбија и Зимбабве до музеите во Манчестер.
1. Мадагаскар
Мадагаскар е навистина невообичаена земја. Овој прекрасен остров, одвоен од суперконтинентот Гондвана пред 165 милиони години, крие флора и фауна која не може да се сретне на ниту едно друго место во светот. Секако, тука се познатите лемури – најмалку 100 видови од овие смешни примати, додека 80 проценти од растенијата на Мадагаскар се ендемски видови, како и 90 проценти од рептилите. Хаотичниот главен град Антананариво е преполн со улични тезги и опкружен со оризови полиња кои повеќе потсетуваат на Југоисточна Азија отколку на Африка. Во услови на диверзитет од природа и култура, лесно се заборава дека Мадагаскар е тропски остров – по површина поголем од Франција. Преку ден, на плажите се случува вистински метеж, од жени кои носат национални носии во различни бои, до рибари кои со своите чунови влечат џиновски сабјарки.
2. Колумбија
Секој Колумбиец во странство, кога го прашуваат за неговата земја, најчесто одговара прашања за кралот на кокаинот, Пабло Ескобар или за убиениот фудбалер Андрес Ескобар. Но, Колумбија ја отфрла старата репутација и полека станува топ дестинација за одмор. Од земја создадена за авантури, до место за семеен одмор од соништата. Колумбија изобилува со атракции поради кои може и да заборавите на своето семејство. Секако, тука е и колумбиската „скапоценост“ – кафето. Повеќето фарми на кои се произведува кафе се отворени за туристите. За разлика од многу егзотични, туристички дестинации, Колумбијците живеат пристоен живот. Исто така, Колумбија е и рај за набљудувачите на птици, бидејќи тука живеат преку 1.900 видови.
3. Манчестер
Идеалниот семеен одмор треба да нуди посета на културни знаменитости, забава и комфор, или едноставно бегство од монотонијата на секојдневието. Со својата инкарнација од 21 век, Манчестер го нуди сето ова во изобилство. Одличната железничка мрежа го прави лесно достапен, што е добра вест бидејќи кога сте со деца секоја можност да се избегне авионски лет е добредојдена. Со проширувањето на Арт Галеријата Витворт, кое чинеше 15 милиони фунти и отворањето на 25 милиони фунти вредниот Центар за домашни уметности, Манчестер значително ја збогати својата културна понуда, примамлива за посетители од секоја возраст. Музејот за наука и индустрија е првата станица за секое семејство. Секако, за децата овде најинтересен е тоалетот што зборува.
4. Виетнам
Велосипедите се интегрален дел од животот во зелениот, живописен север на Виетнам. На велосипед може да посетите национални паркови, села, храмови и пештери, на рутата која води јужно од Ханој до градот Хои Ан, кој претставува светско културно наследство.
5. Мозамбик
Земјата на југот од Африка нуди можност за семеен одмор на убавите плажи и интересни патувања по брегот, како посетите на Островот Ликома и Езерото Малави. Каја Мава е како рај на земјата. Дузина малечки куќарки се поставени помеѓу црните карпи и дрвјата баобаб, со поглед кон песочните плажи покрај слатката вода од Езерото Малави, сина и кристално проѕирна како стакло. Секој би помислил дека без телевизија и интернет децата ќе се досадуваат, но сите се маѓепсани од шармот на заспаната Ликома. Ако сакате поенергичен одмор, секако има опции и за тоа. Tука е пловењето со даска, кое истовремено бара балансирање на даската и маневрирање со веслото. Откако балансот е воспоставен, може бесконечно да пловите покрај живописниот брег.
6. Костарика
Костарика е мало место кое нуди најразлични авантури во дивината – од крстарење низ каналите на Тортугуеро на Карипскиот брег, до планинарење низ дождовните шуми од Корковадо и сурфање низ гребените на островот Кано во Пацификот. Се смета дека Костарика има најголем биодиверзитет на земјата. Додека родителите на крошните од дрвјата гледаат мрзливци, мајмуни и тропски папагали, децата на земјата можат да сретнат отровни жаби и други бизарни мали чудовишта. Можноста за веслање по течението на реката е примамлива за семејства кои сакаат дополнителна возбуда – иако родителите би преферирале да се релаксираат во топлите вулкански извори.
7. Јапонија
Искачувањето на Планината Фуџи е уникатно искуство кое може да се доживее само во Јапонија. Совршено формираниот врв скоро секогаш е скриен во облаците, па секоја можност да се види се смета за благослов. Со векови Фуџи била обожувана оддалеку и првите патници полека се доближувале до врвот, уживајќи во секој чекор, минувајќи покрај 10 контролни станици, обележувајќи ги важните точки и места за одмор по пат. Рутата денес е со одлична сигнализација која секој може да ја следи, иако на места минува низ густи шуми.
8. Камбоџа
Камбоџа нуди услови за семеен одмор на велосипед, со можност за разгледување на прекрасната природа. 10-дневното патување започнува во Сием Риап – домот на Ангкор Ват – а завршува после 563 километри во Хо ши мин, Виетнам, порано познат како Сајгон. Ова е одлична можност за откривање на камбоџанските рурални области, далеку од главните патишта, каде што ретко може да се сретнат други туристи. По патот низ тесните патеки може да се сретнат жени кои плетат кошници под високите дрва, како и пред традиционалните, дрвени куќи на Кмерите. Црвените прашливи патеки се декорирани со розови бугенвилеи и лотуси. Патеките поминуваат покрај небројни будистички пагоди, украсени со злато кое сјае на сонцето.
Би ги видел сите.