8-часовниот вечерен сон не е правило. Тој е мит.

8-часовниот вечерен сон не е правило. Тој е мит.

Веќе долго време експертите за здравје ни велат дека треба да спиеме помеѓу 7 и 8 часа континуирано во текот на еден ден. Но, сепак оваа идеја можеби е само мит. Постојат голем број студии кои ги разгледувале опасностите од недостигот на сон за нашиот мозок и генералното здравје. Во една неодамнешна студија, научниците откриле дека сонот му овозможува на нашиот мозок да се прочистува од токсини. Но, упорното тврдење дека сонот треба да трае 8 часа во текот на една ноќ за да можеме да се чувствуваме свежо не само што создава стрес за луѓето кои не се во можност да ја постигнат оваа цел, туку ги игнорира и другите чести варијации во шемите за спиење.

8-часовниот вечерен сон не е правило. Тој е мит.

„Сите се различни,“ вели Мет Бианчи, директор на одделот за спиење во генералната болница во Масачусетс. „Некои луѓе пијат кофеин и добиваат енергија, додека пак кај други не се случува тоа. Една личност може да биде способна да спие полифазично (повеќе пати на кратко во текот на денот) и да биде свежа останатото време, додека пак друга личност во слична ситуација би можела да заспие додека вози.“

Сите ние сме запознаени со приказните за полифазичните сонувачи како Леонардо да Винчи, Томас Едисон, Никола Тесла, Букминистер Фулер и Маргарет Тачер кои спиеле околу 4 часа во текот на една вечер. Но, денес многу малку внимание се обрнува на овој циклус на спиење.

Погледнете ги наредниве неколку варијации на дневно спиење:

  • The Biphasic Schedule“ – 3, 3 до 4 часа спиење со еден час будност во средината
  • The Dymaxion Sleep Schedule“ – 30-минутни дремки на секои 6 часа
  • The Uberman Schedule“ – Шест 30-минутни дремки на ден
  • The Everyman Schedule“ – Дневно по 3 часа спиење, плус три 20-минутни дремки

Сите овие алтернативни распореди на спиење се поврзани со еволуцијата и историјата. Еден извештај од Журналот за сон во 2007 година ни открива дека поголемиот дел од животните на планетава спијат во полифазични шеми.

Денес, повеќето луѓе во понапредните држави следат еден монофазичен циклус на спиење, или барем се обидуваат. Критичарите на овој вид спиење тврдат дека 8-часовниот сон не ги зема предвид индивидуалните разлики. На пример, се верува дека дури 3% од популацијата можат да преживеат со само неколку часа сон на ден без никакви негативни последици.

Историјата ни пружа вредни сознанија за сонот. Според некои неодамнешни истражувања, во времето пред ерата на струјата голем дел од луѓето спиеле во два сегмента. Тие би се разбудиле во текот на вечерта на еден или два часа, а потоа би се вратиле повторно на спиење.

„Доминантниот распоред на спиење, уште од многу одамна, бил бифазичен,“ вели Роџер Екрич, историчар за спиење на Технолошкиот универзитет во Вирџинија и автор на книгата ‘At Day’s Close: Night in Times Past’. „Луѓето спиеле на 2 пати по 4 часа, кои биле разделени со буден период кој траел над еден час. За тоа време некои од нив останувале во кревет, се молеле, размислувале за нивните соништа или пак, разговарале со својот партнер. Некои од нив станувале од кревет, завршувале некои задачи, па дури и ги посетувале своите соседи пред да се вратат назад на спиење.“

Податоците за „првиот сон“ или „длабокиот сон“ и „вториот сон“ или „утринскиот сон“ се појавуваат во многу историски документи и литература. Но, постепено, за време на 19-от век, тие целосно исчезнуваат и оттогаш па наваму луѓето ја нарекуваат оваа состојба несоница.

Вечерната електрична светлина го попречува нашиот внатрешен часовник. Телото реагира на светлината на истиот начин како што реагира на сонцето, а преголемата изложеност на неа може да предизвика спречување на создавањето на мелатонин, хормон кој го регулира сонот.

Во 90-тите години на минатиот век, научникот за спиење, Томас Веир, открил дека повеќето од луѓето спиеле бифазично кога биле изложени на природниот циклус на светлина и темнина. Ова откритие го подржува она на Екрич. Но, и покрај сите сознанија на оваа тема, ништо не помага во проширувањето на ова истражување бидејќи општата публика е убедена дека не смее да се занемари „правилото“ за 8-часовното континуирано спиење.

Но сепак, доколку се разбудите во текот на вечерта, не грижете се. Според Веир, будењето по неколкучасовен сон не мора веднаш да значи несоница. Може да биде нормален циклус на спиење. Екрич додава:

„Доколку луѓето не се борат со ова, ќе забележат дека за еден час тие повторно ќе заспијат.“

Модерното општество, кое е преполно со различни видови стимуланси и со премногу осветлена околина, делумно е виновно за создавање на оваа хистерија околу спиењето и во комбинација со митот дека 8-часовното континуирано спиење е неопходно ни создава на сите нас голема непријатност. Во секој случај, без разлика на вашиот циклус на спиење, не заборавајте на големите придобивки кои произлегуваат од дремките.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар