7 зен приказни за просветлување

7 зен приказни за просветлување

Зен приказните се древните зборови и дела на Зен мастерите кои се пренесувале со генерации низ династии и култури, а потекнувале од самиот Буда. Овие приказни може да бидат хумористични, парадоксални, едноставни или со повеќе слоеви. Прочитајте ги најдобрите зен приказни од Истокот, и можеби ќе научите некоја лекција.

7-zen-prikazni-za-prosvetluvanje-kafepauza.mk

Покажувач кон ѕвездите

Кучето на еден Зен учител ги обожувало вечерните прошетки со неговиот господар. Toa секогаш земало еден стап, и му го давало на господарот и чекало да почне играта. Оваа вечер учителот решил да го покани неговиот најдобар ученик, момче кое било толку интелигентно што било вознемирено од контрадикцијата на учењето на Буда.

„Мораш да разбереш дека зборовите се само водачи. Никогаш не дозволувај зборовите или симболите да го спречат откривањето на вистината. Еве, ќе ти покажам“, му рекол учителот и го повикал своето весело куче.

„Донеси ми ја месечината“, му рекол покажувајќи кон полната месечина, па го прашал ученикот: „Каде гледа моето куче?“

„Гледа во твојот прст“, одговорил тој.

„Токму така. Немој да бидеш како моето куче. Не го мешај прстот што покажува со она кон што покажува. Сите зборови на Буда се само водичи. Секој човек се бори низ зборовите на некој друг за да ја пронајде својата вистина.“

Текот на реката

Ова е приказна за еден млад ученик на боречки вештини кој учел од некој многу познат учител. Еден ден учителот ги гледал учениците како вежбаат. Тој сфатил дека присуството на другите деца му пречело на младиот ученик да ја усоврши својата техника. Тој ја забележал неговата фрустрација.

„Што е проблемот?“ го прашал.

„Не знам“, му одговорил младичот.

„Колку и да се обидувам, не можам правилно да ги изведам движењата.“

„Пред да совладаш некоја техника, мора да ја разбереш хармонијата. Дојди со мене, ќе ти објаснам“, му рекол учителот.

Ученикот и учителот ја напуштиле зградата и оделе извесно време низ шумата додека не стигнале до еден извор. Учителот стоел тивко на брегот и прозборел.

„Погледни го изворот,“ рекол тој. „Камењата се на неговиот пат. Дали тој удира во нив од фрустрација? Не. Тој едноставно протекува низ и околу нив и продолжува понатаму! Биди како водата и ќе знаеш што е хармонија.“

Младиот ученик сериозно си го сфатил советот. Наскоро тој воопшто не ги забележувал другите ученици. Ништо не го спречувало да ги изведе дури и најтешките движења.

Нема објективен свет

Еднаш одма си живеел еден свештеник кој бил специјалист за будистичките прописи, и се држел до нив целиот свој живот. Една вечер додека шетал, тој згазил на нешто. Од звукот што го направил, претпоставил дека згазил жаба која имала јајца. Ова навистина го растажило поради будистичкиот пропис за одземање туѓ живот, и вечерта дури сонувал жаби кои сакале да го убијат. Свештеникот бил многу вознемирен, но кога наредното утро го минувал истиот пат, видел дека нагазил обичен домат. Дури тогаш го сфатил значењето на изреката „Нема објективен свет“ и дури тогаш знаел како да го практикува вистинското зен учење.

Умереност

Еден стар свештеник кој имал долг и активен живот, станал капелан во едно училиште за девојки. Во групите за разговор, тој открил дека честа тема била љубовта. Тој ги предупредил девојките:

„Разберете ја опасноста од нешто што премногу е застапено во вашиот живот. Премногу бес во борба може да доведе до смрт. Премногу верба во религија може да доведе до затворен ум. Премногу страст во љубовта создава слики за љубениот кои не се реални и кои предизвикуваат лутина. Премногу да сакате е исто како да лижете мед од наострен нож.“

„Но вие сте свештеник во целибат“, рекла една девојка. „Како можете да ја знаете љубовта помеѓу маж и жена?“

„Еден ден, драги деца,“ рекол свештеникот. „Ќе ви раскажам зошто станав свештеник.“

Будизам и Христијанство

Еден студент додека бил во посета кај Гасан го прашал: „Дали ја читаш христијанската библија?“

„Не, прочитај ми ја,“ рекол Гасан.

Студентот ја отворил книгата и почнал да чита од зборовите на Свети Матеј: „Зошто се грижите и за облеката? Погледајте ги полските кринови како растат: не се трудат, ниту предат. Но ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече така, како еден од нив… И така, немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето, на секој ден доста му е неговото зло.“

Гасан рекол: „Кој и да ги рекол овие зборови, сметам дека бил просветлен човек.“

Студентот продолжил да чита: „Сакајте и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете, чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој што сака, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори.“

Гасан рекол: „Ова е одлично. Кој и да го рекол ова не е далеку од Будизмот.“

Мамурлак

Еден зен учител прославувал со своите ученици пиејќи саке и виски до полноќ, а следното утро се разбудил пред зората. Тој бил изнервиран бидејќи неговите ученици не станале рано за да практикуваат зазен (зен медитација).

Кога сонливо му рекле дека можеби не станале од пијалакот, учителот им рекол, „Сакето е една работа, зазен е друга! Немаат ништо заедничко!“

Бог и воздух

Еден пустиник медитирал покрај една река, кога еден млад човек го прекинал.

„Учителу, може ли да станам твој ученик?“

„Зошто?“ – го прашал пустиникот.

Младичот се замислил за момент.

„Бидејќи сакам да го пронајдам Бог.“

Пустиникот станал, го фатил за вратот, го одвлекол во реката и му ја ставил главата под вода. По некое време конечно го извадил, а младиот човек се борел за здив. Кога се смирил, пустиникот му рекол.

„Кажи ми, што најмногу сакаше кога беше под вода?“

„Воздух!“ – извикал човекот.

„Многу добро. А сега оди дома и врати се кога ќе го сакаш Бог колку што го сакаше воздухот.“


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар