7 тајни на француската кујна кои можете да ги примените дома
Француската кујна важи за една од највкусните во светот, но нејзината тајна не е само во рецептите. Французите имаат еден посебен однос кон храната кој како краен резултат ги дава вкусовите по кои ja познаваме. Ако сакате да со доближите до нив, откријте ги овие седум тајни на нивната кујна и применете ги кај вас дома.
1. Јадете свежа и природна храна
Французите не се потпираат на однапред подготвена храна која подоцна ја топлат во микробранова печка, ниту пак сакаат брза храна. Тие често се на зелените пазари од каде што купуваат свежа и природна храна од која потоа ги готват јадењата. Тие се многу горди на тоа.
2. Локалните сезонски производи се најдобри
Штом купуваат од зелените пазари, се разбира дека храната што ја консумираат е сезонска и најчесто е произведена некаде во близина, а не увезена од друго место. Јадењето одреден вид храна во одреден дел од годината не е само традиција, туку и начин да се заштедат пари.
3. Нема премногу зачини
Вкусот на традиционалните француски рецепти доаѓа од состојките од кои се направени и од комбинациите со другата храна со која се сервираат. Тие не користат премногу зачини. Се знае дека рибата оди со лимон, а црвеното месо со сенф. Затоа нема многу потреба од сол или други зачини. Храната и без нив е доволно вкусна.
4. Мастите не се страшни
Французите никогаш не размислуваат дали во храната има масти или не, а сепак се едно од најздравите општества во Европа. Тајната е во тоа што користат масти кои се добри за организмот. На југот на земјата главно се користи маслиновото масло, а северниот дел преферира путер, но ги консумираат во умерени количини и произведени и приготвени на вистинскиот начин.
5. Не фрлајте храна
Во француската кујна можете да најдете рецепти кои се прават од делови од храната кои сите ние ги фрламе, како на пример, супа од зелениот дел на морковот. Така храната максимално се користи, а се штедат и пари.
6. Секој оброк е празник
Покрај тоа што на работа поминуваат само по седум часа дневно, Французите можат да уживаат и во едночасовна пауза за ручек. Тоа покажува колку оброците се важни за нив. Тие се вистински празник. Сите се собираат околу масата на долготраен ручек кој започнува со предјадење, па продолжува со главното јадење, сирењето, десертот и на крај кафето. Тоа е период кога буквално сите банки, аптеки, продавници и сл. се затворени. Луѓето треба да јадат на мира.
7. Од сè во умерени количини
Како што веќе спомнавме, тие важат за едно од најздравите општества во Европа. Тоа звучи неверојатно ако се знае дека тоа е земјата на највкусните печива и десерти. Сепак, доколку тоа се јаде во умерени количини, може и да се ужива во неговиот вкус и да се зачуваат здравјето и добриот изглед. Тајната е доста едноставна.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.