7 луди нешта кои можат да ни се случат додека спиеме
Сте приготвиле оброк по сите правила во текот на ноќта, а следното утро не се сеќавате на тоа? Се будите и во пораките гледате долга конверзација за која немате идеја кога се случила? Дури сте имале и секс додека сте спиеле? Ова се доста вообичаени епизоди и сите спаѓаат во категоријата парасомнии, односно абнормални однесувања во текот на спиењето. Според здравствените организации 10% од луѓето имаат вакви нарушувања за кои не се свесни.
Постојат две главни категории на парасомнии: оние кои се случуваат во текот на РЕМ фазата од сонот и оние што се случуваат во текот на Фаза 3, односно кога сме во подлабок сон. Но, зошто се случуваат тие? Според Филип Герман, професор на Универзитетот во Пенсилванија, не постои јасна причина, но како две главни причини може да се наведат недостатокот на сон и стресот. Понекогаш одредени лекови и состојби како губењето здив во текот на спиењето исто така можат да бидат причина за парасомнија.
Иако парасомниите се движат од мали мачнини до навистина бизарни моменти, добрата вест е дека освен во неколку исклучоци, не треба да се грижите дека вие или личноста со која го делите креветот ќе бидете изложени на некое невообичаено однесување од овие кои се наведени подолу:
1. Бесцелно претурање по куќата
Според Герман, месечарењето е типична пaрасомнија што се случува кога не сме во РЕМ фазата од сонот.
„Една од вообичаените заблуди за месечарењето е дека луѓето ги глумат своите соништа.“
Но, бидејќи месечарењето се случува во длабоката Фаза 3, тоа не е поврзано со сонувањето. Поради ова, тешко е да разбудите човек што месечари или да го пренасочите, при што може да го вознемирите, но малку е веројатно дека може да се доведете во опасност. Сепак, последиците следното утро можат да бидат сериозни. Една студија тврди дека месечарите почесто спијат преку ден, чувствуваат замор, несоница и анксиозност, за разлика од тие кои спијат мирно во своите кревети.
2. Зборување или врисоци
Месечарењето и зборувањето во сон се вообичаени за децата и овие епизоди најчесто завршуваат за време на пубертетот. Ноќните стравови, кога се будите сред спиење и почнувате да врескате или викате, исто така најчесто се случуваат кај децата. Тие се одговор на реални стравови изразени преку соништа. Децата можат да се исправат во креветот со широко отворени очи, но всушност да спијат. Резултатите од истражувањата не се изненадувачки и покажуваат дека децата што се малтретирани или злоставувани почесто страдаат од овие ноќни стравови до 12-годишна возраст. Сепак овие настани не се поврзани само со децата. Според едно истражување, 6,5% од децата и 2,2% од возрасните луѓе ги доживуваат овие ноќни стравови.
Тие често се поврзуваат со кошмарите, но разликата е во тоа што кошмарите се јавуваат во текот на РЕМ фазата додека мозокот е повеќе активен и луѓето вообичаено се сеќаваат на нив наредниот ден, додека ноќните стравови се случуваат во текот на Фаза 3 од спиењето и луѓето не се сеќаваат на нив кога ќе се разбудат.
3. Испраќање пораки
Испраќање на текстуални пораки додека спиете можеби звучи чудно, но не е изненадувачки, ако се земе предвид бројот на луѓе кои спијат со својот телефон. Едно испитување на Универзитетот Виланова открива дека од 300 студенти, 25-30% испратиле порака додека спиеле. Оваа парасомнија е безопасна, но може да ви предизвика срам.
4. Возење
Неколку од парасомниите што се случуваат надвор од РЕМ фаза можат да бидат опасни и вообичаено се случуваат кога месечарите го напуштаат својот дом. Професорот Мајкл Хауел од Универзитетот во Минесота зборува за пациент кој страдал од несоница и почнал да пие апчиња за пиење.
„Првата вечер кога се напил од лековите тој возел во спиење и се разбудил затрупан во снег, откако со колата удрил во дрво.“
Консумирањето одредени апчиња за спиење придонесува за појава на парасомнии надвор од РЕМ фазата бидејќи лековите ќе ве држат заспани дури и кога телото знае дека треба да биде будно.
5. Готвење и јадење
Герман кажува дека познавал жена која додека спиела одела во кујната и јадела кромид како да е јаболко. Таа се будела со смрдлив здив, но немала идеја што се случувало. Бидејќи се случува во текот на Фаза 3, јадењето во сон исто така спаѓа во парасомнии надвор од РЕМ фазата. Постојат докази дека луѓето кои се на некоја строга диета имаат поголеми шанси да јадат во спиење. Хауел потврдува дека луѓето што јадат во спиење, земаат калорична храна, а често се случува да јадат и нехранливи супстанци. Некогаш јадат мраз или мачкаат путер на цигарите пред да ги изедат. Јадењето во сон секако може да предизвика дебелеење, расипување на забите или повреди здобиени при готвењето.
6. Секс
Сексоманијата или „сексот во спиење“ е уште еден пример за парасомнија што не се случува во РЕМ фазата и вклучува сексуален однос, мастурбација и допирање. Според едно истражување, сексоманијата била откриена кај скоро 8% од пациентите со нарушувања на сонот и скоро три пати повеќе се случува кај мажите, отколку кај жените.
7. Глумење на соништата
Во овој случај можете несвесно да се доведете во опасност. Нормално е во текот на РЕМ спиењето, фазата од спиењето кога активно сонуваме, нашите мускули да се парализирани, што се случува за да сме заштитени од обидите за глумење на соништата. Но, во некои случаи мускулите не се парализирани и луѓето почнуваат да ги реализираат своите соништа. Ова се нарекува нарушување на РЕМ спиењето. Вакви епизоди се вообичаени за мажи над 50 години, но може да му се случат на секој, особено на луѓе што пијат антидепресиви и таблети за спиење.
Додека другите парасомнии надвор од РЕМ фазата можат да бидат непријатни, нарушувањата во РЕМ спиењето всушност можат да бидат опасни бидејќи може да дојде до сериозни повреди на човекот што спие, како и на неговиот партнер.