7 интересни факти за мустаќите на мачките
Мустаќите се многу симпатични на прв поглед, а кога ќе дознаете дека тие се најдобрата алатка на мачките кога станува збор за сетилата, за комуникацијата и за координацијата, тогаш ќе сфатите дека тие не се само симпатични, туку и фантастични. Можеби не знаете, но мустаќите им кажуваат на мачките каде да одат, дали може да поминат низ некој тесен простор, а го откриваат и расположението на мачката. Во продолжение прочитајте ги овие 7 интересни факти за мустаќите на мачките и за нивната улога.
1. Мустаќите на мачките се исклучително чувствителни
Коренот на мустаќите, во споредба со останатите влакна, се наоѓа многу подлабоко во кожата, а пределот околу мустаќите е вистинска ризница на нервни завршетоци и крвни садови, па овој дел од главата е исклучително чувствителен на дразби.
Областа околу мустаќите и самите мустаќи се исклучително чувствителни, а мачките можат да почувствуваат дури и минимална промена на правецот на ветерот.
Не треба да ја допирате областа околу муцката и мустаќите на мачките бидејќи овој дел од главата е многу чувствителен и можете да им предизвикате болка.
Исто така, садот за храна треба да биде поширок и порамен, така што мачката нема да удира со мустаќите во ѕидот на чинијата.
2. Мустаќите не се само околу носот
Мачките имаат 8-12 мустаќи од двете страни на носот, но имаат и пократки мустаќи над очите, на брадата, како и на задниот дел од предните нозе.
3. Мустаќите и навигацијата
Мустаќите обично се долги колку што е широка самата мачка, така што тие се еден вид патоказ кога мачката е пред тесен простор. Тие откриваат дали таа може да помине таму или не.
4. Мустаќите ѝ покажуваат на мачката каде е пленот
Мачките се далековидни, што значи дека не го гледаат тоа што е пред нив. Затоа, за време на ловот, треба да најдат начин како да почувствуваат дека пленот е доволно близу за да му го зададат смртоносниот напад. Токму мустаќите им покажуваат на мачките кога е време да нападнат и да каснат.
5. Никогаш не скратувајте ѝ ги мустаќите на мачката
Иако на мачките одвреме-навреме им паѓа по некој мустаќ, вие никогаш не треба да ѝ ги кратите мустаќите. Ако го направите тоа, вашата мачка ќе биде дезориентирана, може да има вртоглавица и ќе биде збунета затоа што мустаќите веќе нема да ја имаат таа драгоцена улога на навигација на којашто таа е навикната.
6. Мустаќите се показател на емоциите на мачката
Позицијата на мустаќите на вашата мачка кажува многу за нејзиното расположение. Ако мустаќите се опуштени и слободно паѓаат на двете страни на лицето, мачката е мирна и опуштена. Ако се насочени напред, тоа значи дека таа е возбудена и вознемирена. Ако се паднати под брадата, мачката е лута или тажна. Набљудувајте го и говорот на другите делови од телото на мачката, како што се ушите и опашката, за да може подобро да откриете што ви кажуваат мустаќите на мачката.
7. Мустаќите ја менуваат бојата
Како што стареат мачките, нивното крзно станува сиво, па и нивните мустаќи стануваат сиви. Немојте да бидете изненадени ако вашата постара мачка со црно крзно одеднаш добие бели мустаќи. Сепак, ова ќе го забележите само ако мачката има темно крзно.
Прочитајте зошто некои мачки сакаат да лежат во мијалникот.