6 мистериозни убиства кои биле решени векови подоцна благодарение на науката
Иако можеби злосторниците и жртвите во овие приказни долго ги нема, науката дури сега успеала да разреши голем број мистериозни убиства од минатото. Замислете колку полесно се извлекувале криминалците пред безбедносните надзори, доказите со ДНК и отпечатоци од прсти и медицината на 21-виот век.
1. Што се случило со момчето во подрумот?
Во 1991-ва година во подрумот на една куќа во Мериленд бил откриен скелет на 16-годишно момче. Љубопитните експерти почнале со истражување и откриле дека скелетот му припаѓа на бело машко од 17-тиот век. Понатамошната анализа открила навистина тажна приказна зад ова тело. ‘Рбетот и забите на момчето биле оштетени или од напорна работа или од некоја болест. Исто така, неговите зглобови биле скршени кратко пред неговата смрт. Истражувачите веруваат дека момчето било слуга, било злоупотребувано, имало тежок живот и умрело прерано.
„Го закопале во тајност за да не мора да ја пријавуваат неговата смрт“, изјавила Кери Брувелхајд која го проучувала телото.
2. Дали претседателот на САД бил убиен?
Закари Тејлор умрел ненадејно на 9-ти јули 1850-та година додека бил претседател на САД. За време на неговиот краток мандат од 16 месеци, проблемот со ропството се заканувал да ја подели државата на 2 дела. Додека лекарите изјавиле дека неговата смрт била предизвикана од болест, националната напнатост ја натерала историчарката Клара Рајзинг да се сомнева дека Тејлор бил отруен. Во 1991-ва година форензичарите го ексхумирале телото на претседателот. Тие не откриле никаква трага од отров во неговото тело, што укажува дека причината за смртта навистина била болест.
3. Дали Наполеон бил убиен?
Луѓето зборуваат за заговор во врска со смртта на Наполеон уште откога починал на осамениот остров Света Елена во 1821-ва година. Иако официјалната аутопсија покажала дека имал рак на стомакот, многумина се прашувале дали францускиот император бил отруен од Британците од страв. Во 2007-ма година, група научници повторно му се вратила на случајот. Претходно во неговата коса бил најден висок процент на арсен, но ова било испитувано со медицина од 19-тиот век. Со последните истражувања не се пронајдени траги од отров, но откриен е доказ дека Наполеон сепак имал рак на стомакот.
4. Семејство скелети во бунар
Едно археолошко ископување од 2004-та година открило скелети на 17 луѓе од кои 11 им припаѓале на деца. Откритието е направено во еден средновековен бунар за вода во Норвич, Велика Британија. Како што можете да замислите, смртта на овие луѓе сигурно била ужасна. Користејќи ДНК анализа, датирање со јаглерод, хемиско испитување на коските и историски докази, научниците веруваат дека овие луѓе можеби се жртви на еврејски прогон. Податоците покажале дека поголемиот дел од групата имале слична ДНК, па најверојатно биле членови на исто еврејско семејство во период од 12-тиот до 13-тиот век. Од околу 1135-та година навака, Норвич бил центар за еврејските заедници. Исто така во овој период Евреите се соочувале со дискриминација и често биле обвинувани дека ги трујат бунарите кога се појавувале епидемии. Поради ова, истражувачите веруваат дека овде станува збор за убиство од омраза.
5. Големата Ботичели измама
Во светот на уметноста, автентичноста значи пари, иако фалсификувањето на уметничките дела е многу често. Сликата „Мадона со велот“ се верувало дека е дело на големиот Ботичели и се движела помеѓу колекционери и музеи во Велика Британија во текот на 20-тиот век. Сепак, во Втората светска војна експертите почнале да се сомневаат за автентичноста. Во 1994-та година научното истражување со електронска анализа покажало дека сликата содржи пигмент кој не постоел до 1862-ра година, односно тој се појавил околу 350 години по смртта на Ботичели. Исто така се покажало дека дупките кои наводно биле направени од црви се направени со дупчалка. Оваа слика била дело на познатиот италијански фалсификувач Умберто Џиунти кој работел околу 1920-тите.
6. Астрономот што најверојатно умрел од урина
Данскиот астроном од 16-тиот век, Тихо Брахе е најпознат за неговата работа со небесни тела и каталогизацијата на повеќе од 1.000 нови ѕвезди. На почетокот на 20-тиот век, луѓето почнале да се фасцинираат од теоријата дека тој бил отруен, веројатно поради неговата афера со мајката на Кристијан IV од Данска. Се мислело дека убиецот бил неговиот асистент, Јоханес Кеплер кој користел жива. Научниците го ексхумирале неговото тело во 2010-та година и откриле дека не бил изложен на висока доза жива пред неговата смрт. Постои и друга легенда според која Тихо умрел поради проблеми со мочниот меур бидејќи му било срам да ја напушти кралската маса за да оди во тоалет. Денес најлогично е дека причината за смртта најверојатно е инфекција на мочниот меур или бубрезите.
Доколку сакате мистерии, сигурно ќе ве интересираат овие 9 кои уште не се решени.