5 знаци дека другите луѓе се плашат од вас
Сте се запрашале ли некогаш како ве доживуваат другите луѓе? Вие можеби мислите дека сте симпатични, духовити и комуникативни, но вистината може да е потполно поинаква. Макијавели во „Владетелот“ го поставил прашањето „Дали е подобро да те сакаат или да ти се плашат, кога веќе не може и двете?“. Веројатно во поголемиот број од случаите подобро е луѓето да ве сакаат бидејќи љубовта е позитивно чувство, додека, пак, стравот е негативно. Меѓутоа, понекогаш нашето однесување може да предизвика страв, а да не сме ни свесни за тоа. Доколку се препознаете во следниве 5 знаци, време е да се преиспитате себеси бидејќи луѓето дефинитивно се плашат од вас…
1. Луѓето во ваша близина не си ја вршат добро својата работа
Доколку некој човек чувствува тешкотија, страв и непријатност, ќе биде многу помалку продуктивен. Имено, луѓето ќе бидат толку многу сосредоточени на тоа да ви угодат, што нема да можат да се концертираат на нивната работа, должности и задачи. Кој би можел да ги обвини? Обидете се да им дадете мир на луѓето, за да не бидат постојано напнати или преплашени во ваше присуство. Ќе видите колку подобро ќе функционираат кога нема да се плашат.
2. Луѓето не ве гледаат во очи
Кога се плашиме од некого, одбегнуваме контакт со очите. Па така, ако сте забележале дека луѓето не ве гледаат во очи, можно е да делувате премногу застрашувачки. Во животинскиот свет контактот со очите честопати значи закана, а вам никој не сака да ви се закани затоа што се плаши.
3. Луѓето не ви поставуваат никакви прашања
Најдобрата одбрана од застрашувачката личност е што помалку комуникација. Другите одбегнуваат да ве прашуваат што било поврзано со работата, а уште помалку за тоа како сте го поминале викендот. Се плашат да не ви постават погрешно прашање кое ќе предизвика негативна реакција. Доколку сметате дека не постои причина луѓето да се плашат од вас, почнете вие да ги испитувате за нивните животи. Можеби на тој начин тие во целост ќе го променат мислењето за вас.
4. Луѓето ве одбегнуваат
Дали сте забележале дека при секој разговор што ќе го започнете, луѓето не сакаат да разговараат со вас и бегаат кога ќе ве сретнат во ходникот или на некоја забава? Или, пак, преминуваат на другата страна на улицата кога ќе видат дека одите во нивен правец? Тоа е голем знак дека луѓето ви се плашат и дека се чувствуваат непријатно во ваше присуство. Луѓето кои останатите ги доживуваат како застрашувачки, честопати се и негативни и токсични. Сигурни сме дека не сакате да ве сметаат за таква личност!
5. Гласот на луѓето се менува кога се во ваша близина
И промената на гласот е сигурен знак дека луѓето во ваша близина се чувствуваат непријатно. Многумина почнуваат да зборуваат побрзо, може да им се повиши гласот, нервозно да се смеат, или, пак, да зборуваат потивко. Обрнете внимание на тоа како другите луѓе зборуваат со вас и доколку забележите некој од овие знаци, можеби е време да смените нешто во начинот на вашето однесување.