5 видови музика кои ја зголемуваат вашата продуктивност
Луѓето ја користат музиката во секојдневието за различни цели, на пример за релаксирање во домот, танцување со пријателите и слично. Музиката го менува расположението и помага во извршување на многу активности. Речиси секој човек слуша музика, затоа што постојат видови наменети за различни вкусови. Можете да слушате на радио додека патувате кон работа, да танцувате на музиката на некој настан, да ја слушате додека пешачите и слично. Но, дали таа може да ве направи попродуктивни? За да дадеме конкретен одговор на ова, ќе разгледаме што покажале досегашните истражувања.
Како музиката влијае на работата
Тереза Лесиук работи како асистент професор на Универзитетот во Мајами, во програмата за музичка терапија. Дел од нејзината улога вклучува и истражување на тоа како влијае музиката врз ефикасноста на работата. Според нејзиното истражување, луѓето кои слушаат музика, генерално ги завршуваат нивните задачи побрзо и се подобри во генерирање подобри идеи отколку луѓето кои не слушаат. Но, тоа не е целата приказна. Други истражувања покажуваат дека поп музиката пречи при обработката на информациите и разбирањето. На пример, текстот може да го одвлекува вниманието на луѓето кои ќе се обидуваат да ги слушнат зборовите и да ги прекинат нивните мисли. Но, општо земено, музиката може да ви помогне да станете попродуктивни, во зависност од тоа кој вид музика слушате. Погледнете ги овие 5 видови кои ќе го зголемат нивото на вашата мотивација и продуктивност.
1. Класична музика
Имајте ги предвид Бах, Вивалди или Хендел, покрај големиот број други класични композитори. Класичната музика не е добра само за релаксирање со чаша црвено вино после напорниот работен ден. Една студија вклучувала испитување на работата на радиолозите, при што се покажало дека после слушањето барокна музика, 7 од вкупно 8 откриле дека нивното ниво на расположение се зголемило и дека тие биле во можност подобро да се фокусираат на својата работа.
2. Музика која ги имитира звуците од природата
Замислете звук кој се произведува при пешачење во природа, одење по песочни плажи, звук од бранови… Луѓето се изјасниле дека ваквиот вид музика не само што им ги смирува нивните нерви, туку нејзиното слушање во текот на работата може да го подобри размислувањето. Но, треба да имате предвид дека покрај смирувачките звуци како што е течење вода, врнежи од дожд и слично, спротивен ефект може да имаат животинските звуци или звуците од птиците, кои ќе ви го одвлечат вниманието. Ако се одлучите за ваков вид музика, тогаш можете да најдете некоја која е придружена со инструменти, како што се пијаното или флејтата.
3. Епска музика
Слушањето епска музика е одличен начин да се мотивирате додека работите. Таа може да ги поттикне вашите мисли и да направи да се чувствувате како да правите нешто важно за да го промените светот (дури и тоа ако не е така). Постои причина зошто на филмските трејлери многу често во позадина има ваква музика. Па, вреди да се обидете, можеби ова е вашиот клуч за поголема мотивација.
4. Музика од видео игри
Без оглед на тоа дали сакате да играте видео игри или не, овој вид музика е одличен за работа, затоа што овие композиции се создадени специјално за да можете да се фокусирате на задачите. Покрај сѐ, градењето кула за да се одбраните од непријателите во видео играта бара музика која ќе ја подобрува вашата способност за да го сторите тоа, зар не?
5. Амбиентална музика
Амбиенталната музика се дефинира како вид музика која става акцент на тонот и атмосферата, во однос на традиционалните музички структури. Ако сте заинтересирани за неа, обидете се да ја слушате музиката на Брајан Ено, еден од пионерите на амбиенталната музика. На пример, можете да ја изберете неговата Музика за аеродроми, која е создадена за да ги релаксира и смири луѓето кои чекаат да се качат на авион. Исто така, музиката е погодна и за оние стресни моменти во канцеларијата.
Одберете го оној вид музика кој најмногу ви одговара
Експериментирајте и слушајте различен вид музика. Некоја од нив може да биде корисна за да го зголемите нивото на енергија, додека пак друга ќе ви биде погодна само за да се оттргнете малку од вашите бучни колеги. Без разлика кој и да е вашиот музички избор, изберете го внимателно затоа што тоа ќе ви помогне да ја остварите својата цел и да постигнете повеќе од вообичаено.