5 типови луѓе кои ви требаат за да ги преживеете доцните 20-ти
Познатата изрека вели: „Со кого си – таков си“. Затоа многу е важно во доцните 20-ти години, кои се на некој начин одлучувачки во животот, да бидете опкружени со луѓе кои ќе го извлекуваат најдоброто од вас. Сите тие треба да бидат индивидуално посебни, но соединети во својата различност на тој начин што ќе се формира едно функционално и енергично друштво. Следуваат 5-те типови луѓе кои треба да ги задржите крај себе или пак, да ги пронајдете и додадете во вашиот круг на пријатели доколку сè уште не се дел од него.
Одговорниот
Ова е еден од оние пријатели со кои се гледате многу ретко, најмногу еднаш месечно, колку да бидете во тек со работите што ви се случиле. Најчесто станува збор за постара личност која ви служи како пример и од која влечете инспирација. Благодарение на неговото или нејзиното богато искуство, секогаш може да ви понуди мудри зборови, совети, утеха, мотивација и решение на проблемите со кои се соочувате. Во ова пријателство нема никакви очекувања, а тоа што поминало многу време од вашата последна средба воопшто не ја намалува енергијата и флуидот кој постои меѓу вас секогаш кога повторно ќе се видите.
Спиритуалниот
Сите имаме по еден пријател или колега од работа кој одвреме-навреме ни пишува инспиративни пораки за да ни го подигнат духот. Тој нè потсетува дека животот не е само тоа што се случува на работа или факултет и дека треба секој момент да го искористиме максимално. Кога имате изгубено волја и верба, тие се тука да допрат до вашата душа и да ве натераат не само да верувате во себе, туку и да ја согледате сета убавина што ја нуди светот. Овие луѓе ве потсетуваат дека сè ќе биде во ред доколку ја храните душата со позитивни мисли.
Социјалната пеперутка
Станува збор за личноста која ќе ве извлече од вашата зона на удобност и ќе ве натера да се опуштите и забавувате. Тие ја прифатиле вашата интровертна личност во нивниот екстровертен живот со цел да ве поттикнат да живнете малку. Ним може да им се јавите во секое време. Тие секогаш ќе бидат расположени за вечерно излегување во градот исполнето со танцување, запознавање нови луѓе и создавање нови животни искуства. Несомнено е дека ќе си поминете најубаво со оваа личност која знае да ве насмее и да води интересни дискусии до доцна во ноќта. Овие луѓе ви го прават животот повозбудлив и ве потсетуваат дека надвор постои цел нов свет што сè уште не сте го истражиле.
Авантуристот
Што е животот без малку авантура? Доколку сакате да пробате нешто ново и возбудливо, како планинарење или скокање со падобранец, ова е личноста која секогаш можете да ја побарате. Таа ви овозможува да сфатите дека понекогаш во животот треба да се ризикува за да се почувствува моќта на адреналинот. Заедно планирате одмори, патувања низ Европа и посетување егзотични дестинации. Патувате низ целиот свет! Мотото на овој пријател е: „Живеј во моментот!“
Ученикот
Понекогаш потребно ви е да бидете нечиј ментор и да имате помлада личност во вашиот живот на која ѝ се потребни вашите совети и животни мудрости. Ученикот се огледува на вас и ги следи вашите стапки. Тоа не е затоа што овие луѓе немаат свое јас, туку затоа што го ценат вашето мислење и вашите дела. Исто така, ви помагаат да останете во тек со најновите трендови бидејќи секогаш се во центарот на случувањата.
Не го заборавајте бесценетото значење на вашето друштво и секогаш одвојувајте време за вашите пријатели без разлика на тоа колку ви е напорно на работа или колку многу обврски имате. По многубројните разочарувања на кои ќе наидете во текот на животот, финалната селекција на луѓето околу вас е многу важна за вашиот понатамошен личен развој. Не си го трошите времето на минливи пријателства. Бидете со луѓе кои ве поддржуваат, инспирираат, мотивираат и ја извлекуваат најдобрата верзија од вашата личност.