5-те најчести погрешни сфаќања за психотерапијата

5-те најчести погрешни сфаќања за психотерапијата

И покрај тоа што терапијата со текот на времето добива сè попозитивна репутација, сепак сè уште постојат многу луѓе кои веруваат дека таа постои само за „лудите“. Дури и покрај големиот успех зад себе, многумина ја потценуваат нејзината важност во денешниот модерен начин на живеење. Токму затоа погледнете ги следниве 5 митови за психотерапијата и вистината која се крие зад нив.

5-те најчести погрешни сфаќања за психотерапијата

1. Психотерапијата е за луди луѓе

Луѓето одат на терапија поради многу причини, како на пример, раскинување, проблеми во бракот или стрес на работа. Постојат различни видови проблеми, кои заслужуваат соодветна грижа и поддршка. Помеѓу нив се и различните ментални болести, како и најразличните видови секојдневни потешкотии. Избегнувањето на терапијата само затоа што мислите дека ќе ве направи „луди“ во очите на другите е голема грешка.

2. Не можете да си дозволите психотерапија

Но, можете да си дозволите излегување и неколку пијачки секоја сабота? Вистината е дека психотерапијата е покриена од вашето здравствено осигурување, па сè што треба да направите е да најдете терапевт кој работи во државна институција. Доколку не сакате да го искористите вашето осигурување, или пак немате, постојат терапевти кои имаат попристапни цени, но и попусти за одредени ситуации. Исто така вие не мора секоја недела да одите на сесии, но кога навистина ќе ви биде потребна помош, не ја одбивајте. Вашите пари нема залудно да бидат потрошени.

3. Можете да разговарате со вашите пријатели за овие проблеми

Вашите пријатели можеби можат да ве сослушаат, па дури и да ви дадат совет, но тие не го имаат поминато потребниот тренинг за целосно да ви помогнат. Психотерапевтите поставуваат прашања кои водат кон свесност и личен раст. Исто така, кога сте на терапија, целата сесија се врти околу вас, па ќе имате доволно време да работите на сите нешта кои поминуваат низ вашата глава.

4. Сите психотерапевти се исти

Погрешно. Постојат многу различни видови терапевтски стилови, па токму затоа и треба да го откриете оној кој најмногу ви одговара. Различните видови терапии водат кон различни техники кои си имаат свои специфични позитивни страни. Вие не можете да откриете што најдобро ви одговара доколку не пробате. Исто така, не се откажувајте веднаш по првата средба. Дајте си време да ја запознаете личноста спроти вас и да откриете дали таа може да ви помогне или не.

5. Можете да го решите проблемот со апчиња

Психијатријата и медикаментите се ефективни за многу луѓе. Но, за жал не сите проблеми можат да бидат средени на овој начин. Понекогаш е многу поефикасно доколку едноставно разговарате за она што ве мачи. На пример, ако се карате често со вашиот партнер, тоа може да значи дека имате проблеми со комуникацијата. Во овој случај апчињата нема да можат да ви помогнат. Терапевтите имаат способност да ви помогнат побрзо да ги надминете потешкотиите и да развиете нови техники со кои во иднина полесно би се справувале со слични проблеми.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар