5 позитивни приказни за борбата против загадувањето од минатата година
Ако редовно ги следите вестите, веројатно мислите дека Земјата е еден огромен отпад. Секако дека постои причина за загриженост. Едно истражување покажало дека сме сред шестото масовно истребување на животните, многу други истражувања покажале дека промената на климата е надвор од контрола, а неодамна го изгубивме и последниот машки бел носорог. Сепак, не сите вести се лоши. Всушност минатата година се случија неколку работи што сепак можат да ни дадат надеж. Во продолжение погледнете ги најпозитивните приказни за животната средина од 2018-та година.
1. Озонската дупка се намалува
Не многу одамна, во средината на 1980-тите, научниците открија нешто загрижувачко – на озонот на Земјата, кој е еден вид штит од опасните ултравиолетови сончеви зраци, се појавила огромна дупка над Антарктикот. Уште полошо, озонската обвивка била значително ослабена ширум целиот свет. Најголемиот виновник беа хемикалиите познати како хлорофлуорокарбонати кои во тој период се користеле кај фрижидерите и лаковите за коса. Истражувањата покажале дека тие биле виновни за рак на кожата, катаракта и оштетување на растенијата и животните. Научниците нагласиле дека во опасност е постоењето на целото човештво доколку не се преземе нешто.
Во 1987-ма година беше забранета употребата на овие и други хемикалии кои ѝ штетат на озонската обвивка. Постепено вестите за озонската дупка стануваат подобри, а онаа од 2018-та е победник – според извештајот од Обединетите Нации, озонот, како и дупката над Антарктикот ќе бидат „излекувани“ до 2060-тите.
2. Вториот по големина корален гребен повеќе не е во опасност
Изумирањето на коралните гребени веќе стана симбол за вознемирувачките ефекти од климатските промени. Големиот корален гребен, кој е најголем во светот, изумира со сè поголема брзина. Но Коралниот гребен на Белизе, кој е втор по големина, конечно е тргнат од листата на загрозени видови на УНЕСКО. Гребенот со должина од 321 километар се најде на листата во 2009-та година поради опасноста од вадењето нафта. Иако засега гребенот е безбеден, сепак постојат уште закани.
3. Забрана за употреба на пластика
Пластиката е проблем кој никако не сака да си оди, но и овде има добри вести. Познатиот синџир Старбакс ја забрани употребата на пластични сламки во 28.000 кафетерии, со тоа станувајќи најголемиот синџир за храна и пијалаци што направил таква глобална промена. Исто така кралицата Елизабета ја забранила употребата на пластика на кралскиот имот.
Во меѓувреме, според извештаите од Кенија која ја воспостави најголемата забрана на пластични кеси во 2017-та година, забраната има позитивен ефект. Уште неколку држави од Источна Африка размислуваат за забранување на пластиката.
4. Швајцарски бизнисмен донира 1 милијарда долари за заштита на планетата
Инспириран од донацијата од 1 милијарда долари на Обединетите Нации во 1997-ма година од страна на могулот Тед Турнер, бизнисменот Хансјерг Вис изјавил дека ќе донира 1 милијарда долари во наредната деценија со цел да го забрза спасувањето на океаните и планетата. Тој планира со неговите пари да ги поддржи локалните обиди за зачувување ширум светот, да ја подигне свесноста на јавноста за важноста од зачувувањето и да ги финансира научните истражувања кои треба да ги откријат најдобрите стратегии за ова.
5. Кина ја добива битката против загадувањето
До неодамна Кина често се наоѓаше во медиумите за нејзиното апокалиптично загадување кое дури го скри и сонцето. Денес, само 4 години откако кинескиот премиер му објави војна на загадувањето, државата забележала значителен напредок. Истражувањата покажале дека во градовите во Кина се намалила концентрацијата на штетните честички за 32%. Ефективното и брзо работење на Кина ќе им го подобри здравјето на жителите и ќе им го продолжи животот.
Погледнете ја и моќната кампања на National Geographic за загадувањето со пластика.