5 новогодишни подароци кои нема да ве чинат ништо, а кои вечно ќе ги помните
Празниците сѐ повеќе се претвораат во шопинг треска која нѐ обзема до тој степен, што го забораваме најважното: семејството, традицијата и пријателството. Ако сакате да ги развеселите најмилите со уникатни подароци, тогаш погледнете ги овие имагинативни идеи кои нема да ве чинат ниту денар, а сеќавањето на нив ќе остане вечно. Сѐ што ви е потребно е малку време, труд и креативност.
1. Цитат од омилената книга или песна
Изберете цитат од омилената книга или стих од омилената песна на вашите најблиски. На лист хартија рачно напишете го цитатот и ставете го во рамка која веќе ја имате во домот. За подобар ефект, изберете хартија во боја и секако при подарувањето, објаснете зошто сте го избрале токму тој цитат. Личноста која ја дарувате сигурно ќе биде пријатно изненадена, бидејќи ова не е подарок од дуќан, туку знак на внимание околу кој сте се потрудиле.
2. Пораки на стратешки места во домот
Пораки на хартија кои стратешки ќе ги поставите на различни места во домот – одлична идеја, се согласувате? Сетете се на некои заеднички моменти кои сте ги поминале заедно со личноста која ја дарувате и поставете ги на места за кои знаете дека тој или таа ќе ги забележи. Дури и некоја едноставна порака како „Само сакам да ти кажам дека те сакам“ може обајцата да ве потсети на она што е важно. Препуштете ѝ се на имагинацијата, присетете се на неколку заеднички моменти и одново проживејте ги.
3. Строго чуван семеен рецепт
Идеалниот подарок кој можете да им го подарите на пријателите или семејството е рачно напишан рецепт за колачи кој ви го открила вашата баба и кој е слатка семејна тајна. Споделете го рецептот за колачот кој сите го фалат, а вие со години не сте сакале да ја откриете тајната состојка поради која тој е всушност толку посебен. Време е со него да развеселите некоја драга личност во вашиот живот.
4. Напишано ветување за преземање на некоја обврска
Наместо со вообичаени подароци, својот партнер можете да го развеселите со напишана порака под елката со која се обврзувате да преземете некоја обврска, на пример да готвите за време на викендот или да доделите една масажа. Ваквиот подарок гарантира насмевка на сечие лице.
5. Компилација со омилените песни
И за крај, можеби едно големо клише, но компилацијата со омилените песни е подарок со кој праќате порака дека сте се потрудиле и дека не ви е тешко да издвоите време и труд за личноста која ја сакате и почитувате. Покрај тоа, откако тој или таа ќе го отвори подарокот, можете заедно да ја слушате плејлистата и да уживате во заедничките моменти.