5 начини на кои стареењето ја менува нашата идеја за забавен викенд
Кога влегувате во пубертет, сѐ што ви се врти низ глава се момчиња или девојки и излегување за викендите. Хормоните почнуваат да си го прават своето, па не е ни чудо кога за главна тема на писмената по македонски, најголемиот дел од учениците пишуваат за љубовта и излегувањата. Но, додека на тие години едвај сме го чекале викендот замислувајќи си во глава секакви забави и лудории кои ќе ги правиме, идејата за забавен викенд ни се менувала со текот на годините. А еве и како, опишано преку 5-те главни периоди на младоста.
1. Средношколски викенд
Се сеќавате ли на средношколските викенди? Веројатно сите до еден ви биле исполнети со многу дружење и излегување во различни кафулиња, барови и/или по градските паркови. Викендот претставувал период од неделата кога конечно не морало да се оди на училиште, па уште од петокот вечер се собиравте со сите ваши пријатели кај некого дома, се смеевте и правевте глупости, пиевте алкохол за кој не им кажувавте на родителите, излегувавте да се забавувате правејќи се повозрасни отколку што навистина сте. Многу е можно секој следен викенд да спиевте кај различен пријател, разговарајќи до раните утрински часови и спиејќи додека не ве разбудеа за ручек. Правевте сè и сешто, но седењето дома не беше опција ни под разно.
2. Бруцошки викенд
Да се биде прва година на факултет значи една од две работи: или сте меѓу оние кои не пропуштаат ниту една можна забава во градот или сте во онаа група луѓе на кои испитите им се поважни од излегувањето. И додека викендите на припадниците на втората група се исполнети со учење, овие другите уживаат во слободата која со себе ја носи студентскиот живот. Забави, лудување, дружење и многу алкохол се дефиниција за бруцошки викенд. А додека сме кај дефинициите, викенд за бруцошите е секој ден од неделата.
3. Апсолвентски викенд
Време е за малку сериозност. Или можеби од следната недела? Кога сте при крај со студиите, викендите веќе не се само за забава. На глава ви висат милион испити како последица на годините поминати во забавување, а тука се и вашите родители кои очекуваат во скоро време да одат на бранење на вашата дипломска работа. Па, наместо да одлучувате помеѓу саботното излегување и учење за испитот во вторник, решавате дека подоцна ќе размислувате за тоа додека отворате лименка пиво која заедно со пуканките ќе ве дружи додека ја гледате новата епизода од вашата омилена серија. Па така, не се чувствувате лошо што не учите бидејќи сепак сте останале дома, но истовремено и не ви е жал што не сте излезени бидејќи уживате на свој начин. А дури и ако подоцна излезете на уште едно пиво со пријателите, тоа нема да биде голема работа со оглед на тоа дека во секој случај ќе биде веќе касно за учење, а и не е дека посебно ќе се подготвувате за излегувањето.
4. Постфакултетски викенд
Колку и да се обидувате да се вратите во годините кога викендот за вас претставувал само журки и забава, ужасниот мамурлак следното утро ви покажува колку е тоа всушност лоша идеја. Да, навистина се забавувавте во новиот бар кој тукушто се отвори, но дискотеката после тоа и не беше така добра идеја со оглед на тоа што во понеделник ве чека многу работа. И додека полузаспани и со едно око ги гледавте студентите кои неуморно танцуваа околу вас, истовремено се прашувавте од каде им е таа енергија и зошто вие не го можете истото кога само 2 години претходно бевте како нив? Соочете со ситуацијата – време е да бидете возрасни.
5. Возрасен викенд
Викендот е единствениот период во неделата кога навистина може да се одморите и немате никакви намери да правите планови кои ќе го загрозат тоа. После напорната работна недела и сите останати обврски по завршување на работното време, голема е веројатноста дека петокот вечер ќе го поминете во кревет со добро филмче. А наместо вечер со гласна музика и многу алкохол во некој задушлив бар, сигурно дека ќе одберете мирна и тивка саботна вечер во некој ресторан каде може да уживате во добра храна со добро друштво. И да, се прашувате со кој памет младите остануваат надвор до раните утрински часови и како ли можат да ја издржат задушливата смрдеа на цигари и пот во пренатрупаните барови додека вие среќни уживате во вашата, за нив бапско-дединска вечера.
Во која група се пронаоѓате вие?