5 митови за спонтаните абортуси кои конечно треба да се срушат
Спонтаниот абортус е трауматично искуство за секоја жена, а она што може дополнително да ја влоши ситуацијата е фактот што многу ретко се зборува на оваа тема, предизвикувајќи им на оние што минале низ ова искуство да се чувствуваат изолирано. Затоа е многу важно да се срушат овие 5 големи митови за спонтаните абортуси.
Мит број 1: Спонтаните абортуси се ретки
Спонтаните абортуси се изненадувачки чести, особено во текот на првите 12 недели од бременоста. Речиси во 50% од бременоста може да се случи спонтан абортус во текот на првото тримесечје. Поголемиот дел од луѓето не сфаќаат колку спонтаните абортуси се чести, бидејќи многу жени кои го доживеале не зборуваат за тоа.
„После 40-тата година можноста за спонтан абортус се зголемува дури за 70%, па така дефинитивно е погрешно мислењето дека спонтаните абортуси се ретки“, истакнува д-р Јасенка Грујиќ.
Мит број 2: Стресот или подигнувањето на тешки предмети може да предизвикаат спонтан абортус
Со истражувањето од страна на медицинскиот колеџ Алберт Ајнштајн и медицинскиот центар Монтефиоре кое било спроведено на 1.000 жени и мажи се заклучило дека 76% од испитаниците веруваат дека стресен настан може да предизвика спонтан абортус, а 64% се уверени дека главниот виновник може да биде подигнувањето тешки предмети. Дури 21% од испитаниците одговориле дека веруваат дека до спонтан абортус може да дојде и доколку жената се расправа со некого.
Но, најчестата причина за спонтаните абортуси е всушност надвор од нашата контрола – генетиката, односно генетските абнормалности.
„Наједноставно кажано, поголемиот дел од спонтаните абортуси се случуваат затоа што хромозомите на јајце клетката и сперматозоидот не се спојуваат правилно, односно затоа што фетусот има еден хромозом помалку или повеќе“, објаснува Грујиќ.
Мит број 3: И една шолја кафе може да ја доведе бременоста во ризик
Умерената количина кофеин, поточно 200 милиграми дневно или една до две шолји кафе на ден, не го зголемува ризикот за спонтан абортус.
„Како што во текот на бременоста не се препорачува прекумерно пиење на алкохол, исто така и консумацијата на кафето треба да биде умерена“, вели Грујиќ.
Мит број 4: Доколку жената имала еден спонтан абортус, скоро е сигурно дека ќе има и втор
Секоја бременост е случај за себе што значи дека еден спонтан абортус не значи дека скоро сигурно ќе дојде и до нареден. Баш напротив, дури и по три спонтани абортуси, жената има од 60 до 80 проценти шанса дека повторно ќе забремени и до крај ќе ја изнесе бременоста.
Кај некои жени спонтаните абортуси се појавуваат поради автоимуни болести или абнормалности во градбата на матката што на жената ѝ отежнува да ја износи бременоста до крај. Исто така, со текот на годините абнормалноста на хромозомите се зголемува, а со тоа и ризикот за спонтан абортус – Од 10 до 15 проценти кај жените кои се помлади од 35 години и повеќе од 50 проценти кај жените над 40 години.
„Но, ни овие податоци не значат дека после еден спонтан абортус скоро сигурно ќе дојде и до втор. На жената која на 40 години ѝ се случил еден спонтан абортус, можеби никогаш повеќе нема да го доживее тоа“, вели Грујиќ.
Мит број 5: Жената направила нешто погрешно кое го предизвикало спонтаниот абортус
„Многу жени кои доживеале спонтан абортус се обвинуваат себеси, но жената никогаш не е крива за тоа. Дури ниту ако е зависник, бидејќи зависноста е болест и на таа жена ѝ е потребна помош“, истакнува гинекологот Јасенка Грујиќ.
Но, жената која доживеала спонтан абортус може да се чувствува доста изолирано. Дури и ако докторот им каже дека спонтаниот абортус никако не можел да се спречи, жените честопати и понатаму мислат дека можел да се спречи. Во таквите моменти на многумина им помага сознанието дека не се сами и дека многубројни жени поминуваат низ истото.