5 интересни факти за Триумфалната порта во Париз
Уште од 1836-та година, Триумфалната порта стои како симбол за цврстината на Париз. Направена во чест на армиите кои се бореле во Револуцијата и Наполеоновите војни, оваа масивна камена структура е еден од најпознатите воени споменици во светот.
Иако веројатно сте слушнале за Триумфалната порта, веројатно не ја знаете нејзината целосна приказна – од долгата изградба, до нејзината близначка од 20-тиот век.
1. Изградбата била овластена од Наполеон, но тој никогаш не ја видел изградена
Наполеон ја одобрил изградбата на споменикот во 1806-та година, две години откако се прогласил за „Император на Французите“. Пред неговото крунисување, тој бил активен во француските политички и воени афери. По успехот од Француската револуција во 1799-та година, тој презел контрола над Франција и започнал голем број војни кои станале познати како Наполеонови војни.
За да ги почести оние кои се бореле и умреле во овие битки, тој ја предложил изградбата на портата. Како што било очекувано, овој проект одзел многу време. Портата била завршена во 1836-та година, 15 години по смртта на Наполеон.
2. Направена е според римската порта на Тит
Кога го замислувал споменикот, Наполеон барал инспирација во древен Рим. Архитектот на портата, Жан Франсоа Шалгрин бил инспириран од Портата на Тит, структура од 1-виот век изградена во чест на римскиот император Тит.
Со висина од 50 метри, Триумфалната порта е многу повисока од онаа на Тит. Покрај тоа, нејзиниот дизајн е покомплициран од древната инспирација. На основата има четири скулптурни групи – Влегувањето на Наполеон, Заминувањето на волонтерите, Освојувањето на Александрија и Битката кај Аустерлиц. На врвот на споменикот има 30 штитови изгравирани со листа од големите француски победи, додека во внатрешните ѕидови има имиња на 660 луѓе, вклучувајќи и 558 генерали.
3. Под портата е закопан анонимен војник
Триумфалната порта му дава почит и на еден маж кој се борел во Првата светска војна. За разлика од останатите луѓе, неговото име го нема на споменикот. Имено, неговиот идентитет е целосно непознат.
Под портата се наоѓа Гробницата на неименуваниот војник. Тој бил погребан во 1920-та година. Со цел да се симболизира француската почит кон непознатиот војник и сите кои се бореле и умреле во двете светски војни, на врвот од гробот има вечен пламен. Горејќи од 1923-та година, овој оган ја осветлува важноста од почитувањето на анонимните борци.
4. Се наоѓа во центарот на Ètoile или „ѕвезда“
Кога Наполеон ја замислувал градбата, имал идеја и за локацијата – западниот крај на познатата улица Шанзелизе. Овде се среќаваат неколку асфалтирани патишта, кои формираат ѕвезда. Поради ова, местото по некое време било наречено Place de l’Ètoile (Плоштад на ѕвездата).
Во средината на 19-тиот век, оваа ѕвезда била одново дизајнирана од Наполеон III, како дел од неговиот проект за реконструкција на Париз. Новото место ја задржало историската форма, но наместо мали патишта, од плоштадот „излегуваат“ 12 нови авении. Во 1970-та година, плоштадот бил преименуван во Шарл де Гол во чест на починатиот претседател на Франција.
5. На другиот крај од Шанзелизе се наоѓа друга порта
Во 1989-та година била изградена уште една порта на Шанзелизе. Овој споменик е модерен осврт на традиционалната порта – и со дизајнот и си симболиката.
Со висина од 109 метри, оваа структура во форма на коцка на некој начин ја рефлектира Триумфалната порта. Она што го разликува споменикот од неокласичниот „близнак“ е намерата зад неговата изградба. Наместо да се фокусира на француските воени победи, оваа модерна порта ја слави разновидноста на Франција и претставува „прозорец кон светот“ и е „место каде што луѓето од разни позадини и култури можат да се среќаваат“ – идеален модел за модерна Франција.
Прочитајте ја и кратката историја на Богородичната црква во Париз.