5 инспиративни приказни за луѓе кои големите животни трагедии ги претвориле во триумф

5 инспиративни приказни за луѓе кои големите животни трагедии ги претвориле во триумф

Животот носи големи трагедии од кои човек тешко заздравува. Секој се справува со нив на различен начин. Едни се предаваат, други се борат, а трети се борат толку многу што воодушевуваат и даваат пример за сите оние кои не се борат или животот сè уште не ги испробал со некоја голема трагедија. Ова се пет од нив.

Тод и Шели Шупбах

Тод и Шели имале многу проблеми да зачнат. Речиси се предале од таквата намера кога дознале дека Шели сепак ќе роди бебе. Уживале во бескрајната радост на раѓањето на синчето Неш сè до неговата петмесечна возраст, кога го оставиле на бебиситерката и повеќе не го виделе живо. Наскоро добиле повик од болницата каде што детето се борело за живот, но не поминало долго време додека да почине. Новиот шок пристигнал кога лекарот им кажал дека детето го загубило животот поради задушување предизвикано од положбата во која лежело.

„Се потврди мојот најлош кошмар“, рекла мајката. „Тој страдал. Можело да се спречи. Јас го оставив на местото кое му го одзеде животот. Му се насмевнав, и тој ми се насмевна и заминав не знаејќи дека тоа засекогаш ќе го смени мојот живот.“

5 инспиративни приказни за луѓе кои големите животни трагедии ги претвориле во триумф

Неш било дете со голема насмевка кое, се разбира, предизвикувало радост на блиските. Затоа тие решиле на шест месеци од неговото раѓање да направат по некој чин на добрина во негова чест. Со секој чин на добрина следувала и картичка на која пишувало „Have a Nash Day“ или буквално преведено „Имај Неш ден“. Социјалните мрежи си го направиле своето и наскоро луѓе од цела Америка учествувале на настанот. Некој дури почнал да го одбележува и во Шпанија. По сето ова, несреќните родители повторно имаат причина да се радуваат на роденденот на нивното дете иако тоа веќе не е со нив.

Маргерит Баранкитсе

Маргерит Баренкитсе била сведок на крвавата граѓанска војна и геноцидот во нејзината татковина Бурунди. Бегајќи од лудилото кое се случувало меѓу племињата Хуту и Тутси, таа кај еден свештеник нашла засолниште за себе и своите седум деца. Иако припаѓала на Тутси, таму засолнила и вкупно 72 припадници на Хуту и нивните деца, многумина од нив нејзини пријатели. За несреќа, војниците од Тутси ги пронашле. Не ја убиле затоа што била од нивното племе. Само ја соблекле, ја врзале за стол и ја натерале да гледа како ги убиваат сите нејзини Хуту пријатели. На крај, главата на нејзината најблиска пријателка ѝ ја фрлиле во скутот. Таа платила откупнина за да ги спаси барем децата на нејзините пријатели од противничкото племе. Така, таа имала околу 200 деца да ги вдоми, нахрани и облече.

Насекаде прашувала за помош во пари или земја, но конечното решение го нашла со основањето на „Куќата на мирот“, прифатилиште за сирачиња од двете племиња. Почнале скромно, но денес имаат над 3.000 домови плус училишта, болници, фарми, па дури и една банка. Вкупно 20.000 деца поминале низ домовите на Маргерит.

5 инспиративни приказни за луѓе кои големите животни трагедии ги претвориле во триумф

Марк и Сузан Кроти

Зак Кроти имал 19 години кога во 2009 година починал од предозирање со дрога. Набргу потоа неговите родители го пронашле неговиот дневник во којшто прочитале дека нивниот син длабоко жали што не го живее животот што го сака поради зависноста од која не можел да се извлече. Во него напишал и дека се надева дека неговите зборови некогаш ќе стигнат до некој друг и дека ќе му помогнат.

Откако веќе добиле појасна слика за трагедијата што им се случила, родителите не се двоумеле дали да ги објават дневниците. Прво ги ставиле на интернет во форма на блог, а потоа ги собрале и во книга, надевајќи се дека исповедите на нивниот син ќе помогнат да се спасат некои други зависници. Но не застанале таму. Благодарение на нивната граѓанска активност државата Њујорк донела закон според кој секој лекар мора да пополни електронски образец за секој лек што го препишува, а целта на тоа е да се спречат лекарите да препишуваат лекови кои не им требаат на пациентите освен да ги користат како дрога, исто како што правел и нивниот починат син.

5 инспиративни приказни за луѓе кои големите животни трагедии ги претвориле во триумф

Емили Госио

Емили не можела добро да слуша како мала и затоа морала да носи апарат за слушање на двете уши. Тоа само ја засилило нејзината амбиција да стане уметник, па отишла во престижно училиште во Њујорк. Еден несреќен ден, додека одела на пракса со велосипед, ја удрил невнимателен возач на камион. Имала страшни повреди. Черепот, карличната коска и едната нога ѝ биле скршени, имала и повреди на мозокот, а згора на сè ослепела. Лекарите биле песимисти околу нејзиното заздравување, па на вториот ден дури ги прашале нејзините родители дали ќе може да ги донираат нејзините органи. Сепак, тоа што татко ѝ видел како ја помрднува раката истата вечер го натерало да се бори за неа. Потоа сакале да ја испратат во дом за нега на хендикепирани лица, но нејзиното момче го одбило тоа. Тој тргнал во потрага на методи за комуникација со личности кои се во нејзината ситуација и открил дека ако со прстите напише нешто на нејзината дланка, таа ќе го разбере тоа. Напишал дека ја сака, а Емили веднаш реагирала. Наскоро почнала да реагира на сè и со тоа започнала нејзината тригодишна рехабилитација.

По долгата борба Емили се вратила во училиштето за уметници, а што е уште поимпресивно, по неколку месеци победила на престижен натпревар за скулптура која ја изработила додека заздравувала.

5 инспиративни приказни за луѓе кои големите животни трагедии ги претвориле во триумф

Мет Гејџ

Кога бил деветгодишно момче Мет Гејџ сонувал да биде славен кошаркар. Но, колку и да звучи неверојатно, на таа возраст тој доживеал срцев удар. Целата лева страна му била парализирана, а ниту лекарите не биле оптимисти. Тие на неговите родители им рекле дека тој никогаш нема да се разбуди, а дури и да ги отвори очите нема да може да живее никаков живот, односно ќе живее како да е растение.

5 инспиративни приказни за луѓе кои големите животни трагедии ги претвориле во триумф

Сепак се разбудил и освен парализираната лева страна немал друг проблем. Никако не можел да ги мрдне раката и ногата на таа страна и лежел обесхрабрен, а татко му го бодрел:

„Мет, што тоа ‘не можам’ има направено за тебе? Ако велиш дека не можеш, тогаш не можеш. Ама ако не почнеш да веруваш дека нешто ќе се случи и ќе ти биде подобро, тогаш ќе останеш во количка.“

Набргу Мет почнал да се труди и да напредува, а кога по долго време излегол од болница тоа го направил одејќи. Почнал да игра кошарка, трчал трки на пет километри, па дури и скијал. Никогаш не станал славен кошаркар, но затоа бил професор по физичко образование во неколку училишта, а денес работи со млади жртви на срцев удар сакајќи со својот пример да им покаже дека трагедијата може да се претвори во триумф.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар