4 нешта што треба да ги знаете доколку сакате домашно милениче зајак
Замислете да имате милениче зајак кое ќе ви прави друштво додека гледате некој филм. Или пак замислете го како би си игралo во вашиот двор. Иако ова звучи навистина слатко, како и секое милениче, така и зајакот бара поголема одговорност отколку што мислите.
Прво, најважно е да ги знаете основните факти. Како маче или куче, и малиот зајак ќе порасне и може да живее помеѓу 7 и 10 години, а со правилна исхрана и до 14. Зајаците имаат репутација дека се пасивни и незаинтересирани, но ова е далеку вистината. Зајаците се паметни и љубопитни животни, а понекогаш дури и агресивни и деструктивни. Пред да се одлучите да купите зајак, важно е да ги знаете и следниве четири работи.
1. Зајаците ја јадат истата храна како и коњите
Зајаците ги имаат истите дигестивни процеси како и коњите, што значи дека нивната исхрана треба да се состои од многу свежо сено. Целата ферментација во дигестирањето се случува во дебелото црево, што значи дека зајаците се навистина чувствителни на промените во исхраната. Покрај сено, зајакот може да јаде квалитетна храна богата со хранливи влакна и пелети, но не премногу бидејќи се склони кон дебелеење. Исто така, тие сакаат темен лиснат и коренест зеленчук. Нормално, потребно им е и многу свежа вода. Иако можеби ќе забележите дека и зајаците, исто како коњите, сакаат коцки шеќер, тие се штетни за нив па немојте да им ги давате.
2. Зајаците се социјални суштества
Зајаците навистина сакаат друштво. Тие се паметни, па лесно можете да ги научите на некој трик и да ги научите да одат во тоалет во кутија. Сакаат да минуваат време со луѓето, но и со други зајаци, па добро би било да земете пар. Иако секој зајак е различен и некои не сакаат да делат кафез, кастрираниот мажјак и стерилизираната женка би се согласувале добро.
Исто така, воглавно одлично се согласуваат со кучиња и мачки, но важно е да знаете дека се чувствителни на звук. Па гласните животни, како папагал или куче кое постојано лае, можат да им предизвикаат стрес. Нормално, секогаш треба да бидете присутни кога зајакот „се дружи“ со вашето друго милениче.
3. Зајаците имаат топки крзно и нивните заби растат постојано
Од голема важност е храната на зајаците да содржи хранливи влакна со цел да се спречат најчестите проблеми кај овие животни, како претерано растење на забите и формирање топчиња крзно. Забите на зајаците постојано растат, па исхраната со барем 90% влакна ќе им помогне да ја одржуваат големината на нивните заби.
Зајаците го чистат нивното крзно како и мачките, но за разлика од нив, не можат да ги повратат топчињата крзно. Поради ова нивните црева може да се запушат. Како што споменавме, исхраната богата со хранливи влакна ќе им помогне да се справат и со овој проблем.
4. Зајаците се склони кон одредени болести
Додека на зајаците не им се потребни вакцини како на другите миленичиња, сепак се важни посетите на ветеринар. И тие можат да развијат разни болести или да имаат паразити како и другите животни.
Зајаците имаат голем ризик од појава на рак на матката. Дури 80% од женките ја развиваат болеста во првите 6 години од животот. Поради ова, добро е да го кастрирате вашиот зајак откако ќе наполни 6 месеци.
Постојат и некои болести коишто зајаците можат да ги пренесат на луѓето. Една од најчестите е бактеријата Pasteurella multocida која зајаците ја имаат во дишните патишта и можат да ви ја пренесат преку гризење или гребење. Кај нив, оваа бактерија може да предизвика респираторни инфекции, па внимавајте на миленичето.
Зајаците миленичиња се легални во поголемиот дел од светот, како и кај нас. Потребно е редовно да им дозволувате да излегуваат од кафезот за да можат да си играат. Исто така важно е да бидете свесни дека тие сакаат да гризат кабли и теписи, па внимавајте кога зајакот е надвор од неговиот кафез.
Погледнете ги и прашањата што треба да си ги поставите пред да посвоите милениче.