4 нешта кои се поважни од туѓото мислење за вашиот изглед
Поважно од впечатокот кој го оставате на другите, од тоа дали сте доволно згодни и дали можете да се натпреварувате со сите оние совршени убавици на социјалните мрежи кои живеат за да објават фотографија од нивните совршени животи е да се чувствувате добро во сопствената кожа. Да го прифатите своето тело и начинот на кој изгледате и сликата која ја давате за себе да ја покажува сета психичка длабочина која ја носите во себе. Модата и убавината се мултимилијардерски индустрии каде физичкиот изглед е сѐ, но колку и да звучи клише, тоа што е скриено во вашата суштина е многу поважно од тоа што се наоѓа на површината.
1. Важно е да имате имиџ кој одговара на вашиот карактер
Вашите модни одлуки и избори не се важни доколку имате сопствен стил кој одговара на тоа со кое зрачите. Никој нема да ве осудува и да мисли дека сте смешни и старомодни, ако се прифатите себеси и одлучите да се облекувате онака како што се чувствувате. Имиџот не постои за да се обидете да се маскирате и да го прикриете вашето вистинско „јас“, туку напротив, тој постои за да се изразите и слободно да се покажете и докажете пред светот.
2. Колку добро се чувствувате во своето тело
Независно од тоа дали сте ниски или високи, имате вишок килограми или сте слаби, дали сте елегантен или спортски тип и сте тесни или широки на местата за кои наметнатите општествени стандардни пропишуваат ширина… Ако во вашето тело се чувствувате онака како што се чувствувате дома: Удобно, опуштено и пријатно, тогаш нереалните пропорции кои ги промовира општеството нема да имаат никакво значење. Женственоста и атрактивноста не зависат од големината, градбата, коските и квалитетот на кожата и косата, туку само од тоа колку добро се познавате себеси и дали тоа што го познавате го прифаќате и сакате. Љубовта спрема себе е најдобриот стил кој може да го постигне секоја личност.
3. Смисла за хумор
Смислата за хумор го дефинира вашиот карактер и избива како искра, млаз, водоскок, катапулт и ерупција – таа е незапирлива и во целост ја отсликува вашата личност. Воздржан и циничен хумор, црн, ведар, интелектуален хумор, хумор на лична сметка, вулгарен, елегантен, хумор во напнати ситуации… Колку луѓе, толку начини да се реагира на еден духовит начин и да се обезбеди сопствено место во реалноста. Смислата за хумор не можете да ја научите, но затоа можете да ја обликувате онаа со која сте родени.
4. Љубезност
Насмевката, пријатниот тон, нежниот допир со кој ги тешите своите најблиски и ги носите во еден свет каде што ќе бидат безбедни, бидејќи знаат дека некој ќе ги сослуша и ќе сака да им помогне и да ги разбере со самото свое присуство, е илјада пати повредно од секој друг впечаток кој го оставате со својата појава. За љубезната личност никој нема да мисли дека површна, досадна или празна, бидејќи наместо нејзиниот изглед, сите најпрвин ќе ја забележат нејзината насмевка и изразот на нејзиното лице.