4 кратки приказни кои ќе го променат начинот на кој размислувате

4 кратки приказни кои ќе го променат начинот на кој размислувате

Понекогаш, сè што ни е потребно се само неколку мудри зборови за целосно да ни се промени начинот на кој размислуваме. Доволни ни се и неколку кратки приказни што изобилуваат со огромна мудрост, за да ги насочиме нашите мисли во вистинската насока и да погледнеме кон поголемата слика во светот. Или како што Џ. К. Роулинг би кажала:

„Секогаш има простор за приказна која може да ги транспортира луѓето на некое друго место.“

(3)-4-kratki-prikazni-koi-kje-go-promenat-nachinot-na-koj-razmisluvate-kafepauza.mk

1. Целата разлика на светот

Секое неделно утро, една млада девојка трчала околу паркот во близина на нејзиниот дом. Секогаш кога поминувала покрај езерото кое се наоѓало на едниот крај од тој парк, можела да види една бабичка која со својот мал, метален кафез седела таму, делувајќи како да не прави ништо.

Обземена од љубопитноста, девојката еден ден ѝ пришла за да ја праша што прави. Кога се доближила до старата баба, можела јасно да види дека кафезот бил всушност стапица во која имало три желки, додека бабичката во рака држела четврта желка чиј оклоп внимателно го чистела со четка. Збунета од тоа што се случува, девојката ја прашала бабата што точно прави со желките. Бабичката се насмеала и ѝ кажала на девојката како секое неделно утро поминувала неколку часови покрај тоа езеро, чистејќи им го оклопот на овие 4 желки од алги и ѓубре бидејќи истите, откако ќе се наталожат, им ја намалуваат на желките можноста да апсорбираат топлина и да пливаат.

Воодушевена од добрината на оваа бабичка, но истовремено и не разбирајќи зошто таа го прави ова кога на светот има уште многу желки за кои веројатно никој не се грижи на овој начин, девојката ја прашала бабичката зошто си го губи времето на нешто што делува како да не прави никаква разлика. На ова, бабичката се насмеала, па ѝ одговорила: „Мила, да можеше оваа мала желка да зборува, таа ќе ти кажеше дека за неа штотуку ја направив целата разлика на светот.“

2. Тежината на чашата

Некогаш одамна, еден професор по психологија се обидувал на своите ученици да им ги објасни принципите на менаџирање со стресот. Чекорејќи од еден крај на просторијата до друг, обидувајќи се да ги најде вистинските зборови, професорот застанал до својата катедра, ја подигнал чашата со вода и на големо чудење на учениците, наместо вообичаеното предавање за полупразна, полуполна чаша, тој ги прашал колку тежи чашата во неговата рака.

Откако сите почнале да дофрлаат разни мерки, професорот смирено одговорил: „Од моја перспектива, апсолутната тежина на оваа чаша не е воопшто важна. Сè зависи од тоа колку долго ја држам чашата во рака. Во првите неколку моменти, таа е дури и премногу лесна. Но, како што поминува времето, така и мојата рака се повеќе се заморува и иако тежината на чашата е сè уште иста, колку подолго ја држам, толку таа делува потешка. Истото важи и за сите грижи кои ни носат огромен стрес во животот. На почетокот не чувствувате стрес, но на крајот на денот, откако постојано сте размислувале на нив, ќе се чувствувате како парализирани и немоќни да направите нешто друго сè додека не се ослободите од нив.“.

(2)-4-kratki-prikazni-koi-kje-go-promenat-nachinot-na-koj-razmisluvate-kafepauza.mk

3. Мамка за ајкули

Во текот на едно истражување, еден морски биолог спроведувал експеримент така што поставил една ајкула во огромен базен во кој одвреме-навреме биле пуштани помали риби. Како што се очекувало, ајкулата за многу кратко време ќе допливала до нив и ќе ги изедела.

Во следниот чекор од експериментот, биологот поставил огромно, фиберглас стакло, делејќи го базенот на две половини така што ајкулата сè уште можела да гледа што има во другата половина од базенот. Потоа, биологот повторно пуштил неколку помали риби да пливаат, така што ајкулата била на едната страна на стаклото, а рибите на другата. Повторно, како што се очекувало, ајкулата се обидела да доплива до рибите и да ги изеде, но наместо тоа, таа многу силно се удрила во стаклото. Несвесна зошто се случува тоа, таа долго се обидувала да дојде до рибите, но секогаш удирала во стаклото, па после неколку часа конечно се откажала.

Биологот го повторувал овој експеримент многу пати во текот на следните неколку недели, така што со секој нареден пат, ајкулата со сè помала агресивност ги напаѓала рибите, сè додека на крајот не се уморила од удирање во стаклото и целосно престанала да се обидува да дојде до нив. Тогаш, биологот решил да го извади стаклото и да види што ќе се случи откако повторно ќе пушти помали риби во базенот. Поради досегашното лошо искуство, ајкулата овој пат не ги нападнала рибите. Мислејќи дека сè уште постои некаква бариера која ја спречува да дојде до нив, ајкулата воопшто не ни тргнала кон рибите, оставајќи ги слободно да си пливаат во водата.

Истото се случува и во животот на луѓето. Откако неколку пати ќе се соочат со неуспех, луѓето губат мотивација и целосно се откажуваат. Свесни дека многу пати се обиделе, но не успеале, па и тие, како и ајкулата, мислат дека секогаш постои нешто што ги спречува да успеат во своите намери, дури и кога не е така.

4. Постоење и дишење

Откако Роберт и Тања ја поминале скоро секоја минута во минатите 8 дена заедно, лежејќи во топлината на својот кревет една убава летна вечер, Роберт чувствувал дека мора да ѝ каже на Тања само уште една работа пред таа да заспие. Шепнувајќи ѝ на уво, таа се насмеала со насмевка која секогаш измамувала насмевка и на лицето на Роберт, па се свртела кон него и му рекла: „Кога ќе имам 75 години и ќе размислувам за својот живот и младоста, се надевам дека ќе се сетам на овој момент.“ Неколку секунди подоцна таа потонала во сон.

Седејќи во целосен мир и тишина, сè што Роберт можел да слушне во тие моменти е дишењето на Тања. Не можејќи да заспие, тој непрестајно размислувал за сите нивни заеднички денови и ноќи, секој избор и секоја жртва кои ги направиле за да бидат заедно и кои на крајот ги довеле тука.

Во истиот тој момент, Роберт сфатил дека не е важно каде биле или каде ќе одат. Единственото нешто што е навистина важно во тој момент е чувството на спокој кое ги обземало и двајцата, тоа што е доволно само да биде со неа и да дише покрај неа.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар