4-те фази во животот според Карл Јунг

4-те фази во животот според Карл Јунг

Одејќи низ животот, поминуваме низ различни периоди кои сите ги опишуваме на свој јазик и со различни зборови. Но еден од најдобрите начини на кои може да се поделат фазите во животот е оној според тоа кои сме и што нè води во одреден момент од нашиот живот, а не според возраста за која е докажано дека не е веродостоен показател. Во ова успешно се истакнал швајцарскиот психијатар и психотерапевт Карл Јунг, кој според погоре наведените критериуми, го има поделено животот на 4 фази: спортист, борец, изјавувач и дух.

4-fazi-vo-zhivotot-spored-karl-jung-kafepauza.mk

1. Спортист

Ова е најнезрелата фаза од сите 4 и додека сме во неа, ние сме најмногу концентрирани на себе. Опседнати сме со физичкиот изглед и со впечатокот кој го оставаме на оние околу нас. Најочигледен пример за оваа фаза се тинејџерите и тоа во моментот кога се гледаат во огледало: нарцисоидни, критични, а најчесто и двете одеднаш. Факт: многу луѓе остануваат долго во оваа фаза, некои и засекогаш, а има и такви кои подоцна во животот повторно се враќаат во оваа фаза.

2. Борец

Како што поминува времето, полека ја напуштаме атлетската фаза и навлегуваме во оној период од животот кога имаме желба да го освоиме светот. Уште повеќе, полни сме со идеи како да го направиме тоа и со амбиции кои почнуваат да нè водат по тој пат. Ова значи дека стануваме посвесни за реалноста и одговорностите кои се пред нас. Со други зборови, полека влегуваме во светот на возрасните каде веќе станува неопходно да се соочиме со предизвиците кои животот ни ги дава. Ова е исто така фазата кон која се враќаат оние кои подоцна во својот живот решаваат да почнат од почеток: нови идеи, нови амбиции, нови цели.

3. Изјавувач

Следен период во нашиот живот е оној во кој се прашуваме себеси што сме направиле за останатите. Оваа фаза е поврзана со формирањето свое семејство, постанувањето родител и преземањето одговорност за некој друг наместо само за себе. Односно, вниманието кое претходно целосно го насочувавме кон себеси, сега го вртиме кон луѓето околу нас, децата кои ги имаме и за кои сакаме да обезбедиме подобар и поубав живот, наследството кое го создаваме за потоа да го оставиме на најблиските. Во оваа фаза се осврнуваме кон минатото, кои сме и како сме дошле тука, што сѐ сме постигнале досега и како да продолжиме понатаму, притоа постојано земајќи ги предвид и луѓето кои се дел од нашиот живот. Кратко и јасно – созреваме.

4. Дух

Доколку сте во период од животот кога сфаќате дека сте повеќе од она што сте го создале, дали во однос на пари, имот, пријатели, семејство и сл. – тогаш вие се наоѓате во четвртата животна фаза. Оваа фаза нè тера да се осврнеме на духовното во нас, на она апстрактното кое не можеме да го допреме, но можеме да го почувствуваме. Размислуваме за животот и како тој, во духовна смисла, е патување без почеток и крај. Истапувајќи од нашиот ум, не можеме, а да не се запрашаме што нè чека понатаму кога физички ќе нè нема. Но, ништо не ја опишува подобро оваа фаза од зборовите на Лао Цу:

„Дали можете да истапите чекор наназад од сопствениот ум и во таа состојба да ги разберете сите работи околу вас? Раѓањето деца и одгледувањето, имањето нешто без да го поседувате, делувањето без какви било очекувања, управувањето без да се обидувате да контролирате сѐ: ова е врховната доблест.“

Во која фаза се наоѓате вие?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар