3 визуализации што ќе ви помогнат да се ослободите од вознемиреноста и од негативноста во вашиот живот
Пандемијата на коронавирусот и сите други лоши настани што ја одбележаа оваа чудна година продолжуваат да имаат влијание врз сите нас. Една од тие последици е зголемниот број луѓе кои се борат со стресот, со анксиозноста и со разни ментални нарушувања. Не е лесно да не знаете што ве чека, не е лесно да ги апсорбирате вестите за новозаболени, за природните катастрофи и сите оние „неправилности“ на кои едноставно не сте навикнати. Овие три визуализации ќе ви помогнат да ги отстраните сите лоши работи насобрани во вас и да се справите со одредени стравови, со стресот и со негативните емоции. Пред да започнете со визуализацијата, пронајдете удобно и мирно место.
Нечистотија што поминува низ одвод
Замислете како стоите над бел мијалник низ кој тече млака вода, а вие ги миете рацете. Замислете го тој процес колку што можете пореално. Почувствувајте ги температурата на водата, сапунот меѓу прстите и мирисот на тој сапун. Исплакнете ги рацете под млазот и замислете дека нечистотијата од рацете се спушта низ цевките и исчезнува. Таа нечистотија ги претставува вашите црни мисли, сè што ве мачи и ви создава товар. Додека ги миете рацете и гледате во темната вода во одводот, помислете на сите овие тешки работи и ослободете се од нив.
Густ чад што исчезнува
Замислете дека седите во природа. Моментално е вашата омилена сезона, уживате во свежиот воздух и во природата околу вас, го чувствувате мирисот на растенијата и гледате во небото. Потсетете се на сè што ве мачи, а тоа може да бидат финансии, невозвратена љубов, проблеми на работа и слично и замислете облак од густ темен чад што излегува од земјата. Колку повеќе ослободувате лоши мисли, тој облак полека се крева во воздухот и станува поредок и посветол, сè додека целосно не исчезне заедно со тие мисли.
Сонце што се пробива низ облаците
Повторно замислете дека сте во природа. Надвор е убав и сончев ден. Сето она што ве мачи замислете го како облаци што го кријат сонцето и замислете го сонцето како сè добро во вашиот живот. Откако ќе ги ослободите сите лоши мисли, замислете како зраците се пробиваат низ сè што е негативно, сè додека сонцето не пробие целосно низ облаците.
Прочитајте какво е влијанието на хроничниот стрес врз секој дел од организмот.