3-те личности кои треба да ги пронајдете во вашиот живот
Животот се состои од низа интимни односи кои нѐ туркаат кон напредокот и менталното проширување и ни помагаат правилно да растеме и да се развиваме. Сите односи играат голема и клучна улога во нашето разбирање на животот и развојот на нашиот карактер, но некои врски сепак се малку позначајни од другите. Постојат многу видови меѓучовечки односи кои можете да ги имате во животот и неколку од нив се во целост најважни за вашето патување низ животната авантура. Во продолжение прочитајте кои се 3-те архетипски личности кои треба да ги пронајдете во својот живот и кои ќе бидат вашата основа за понатамошниот личен напредок.
1. Вашата сродна душа
Вашата сродна душа е онаа личност со која соодветствувате и се дополнувате на сите нивоа. Со неа не можете да се чувствувате неудобно. Понекогаш можно е да се расправате, но секогаш ќе го пронајдете решението и тоа искуство на крајот само ќе го зајакне вашиот однос. Кога ќе се сретнете, можете да почувствувате чудна блискост, како да сте избрале да ја вклучите таа личност во својот живот уште пред да се родите. Спротивно на верувањата на поп културата, вашата сродна душа не мора да биде вашиот партнер или љубовта на вашиот живот, ниту пак нужно мора да биде од спротивниот пол. Таа може да се појави како вашата мајка, брат, сестра или најдобриот пријател. Секоја личност ќе ја сретне својата сродна душа во некој момент од нивниот живот. Доколку тоа не ви се случило, прашање е само на време.
2. Вашето огледало
Вашето огледало е личноста која ви ги кажува и покажува работите онакви какви што се. Таа е искрена со вас и не ѝ е гајле дали вистината ќе ве повреди. Тоа што не се грижи за вашите емоции ѝ овозможува да направи влијание кое ќе ја донеси вашата повеќе од потребна трансформација. Но, тука не станува збор за пречувствителност. Тука станува збор за пријателот кој ќе ви каже кога не сте на правилниот пат или кога се однесувате како што не треба. Често се случува и вие да ја имате таа улога на нечие огледало и некому да ги покажувате подрачјата и карактерните особини на кои треба да поработат. Можеби се расправате почесто отколку што е потребно, но под тие аргументи лежи искрена грижа која не може да се разниша. Понекогаш на сите ни е потребен некој што ќе нѐ разбуди кога ќе престанеме да бидеме одговорни.
3. Вашиот заштитник
Вашиот заштитник е вашиот ментор, учител и водич. Тој ви дава инспиративни, охрабрувачки и повратни информации за вашиот живот. Тој ве води и ви помага во најтешките моменти. За некои луѓе, нивниот заштитник може да дојде во облик на еден член од семејството. За други може да се појави во облик на некој кој повеќе не е жив или пак е симбол за некоја висока религиозна сила и спасител, како што се Кришна, Буда, Исус… Важно е да имате некој кој е секогаш во можност да ве поттикне и да ве посоветува во вашето животно патување. Како што подлабоко и посигурно се движите на патот кон вашите цели, така вашиот заштитник постепено ќе станува помалку личен и поопшт. Во оној момент кога ќе ја сфатите својата универзалност и поврзаност со сите, наместо да ги барате одговорите од својот учител, ќе ги барате директно во изворот.